Враќање на бесплатниот превоз со воз за студентите, подобрување на образовната инфраструктура на универзитетите, како и покачување на стипендиите на сите студенти, се дел од повеќето барања кои ги упати Универзитетското студентско собрание на Универзитето „Св. Кирил и Методиј“ до неколку институции.
Тие упатија новогодишни барања до Државниот студентски дом, Град Скопје, Министерството за образование и наука, Министерството за транспорт и врски, Министерството за здравство и до Владата.
Па така, од ДСД бараат да ангажираат пет психолози кои ќе нудат бесплатна психолошка помош за студентите сместени во државните домови во Скопје.
До Градот Скопје, пак, бараат да се отвори читалната на библиотеката „Браќа Миладиновци“ за да биде достапна постојано за студентите кои се подготвуваат за јануарската испитна сесија. Покрај ова, од градските надлежни бараат и реновирање и одржување на дворот на Техничкиот кампус факултети и на заедничкиот двор на Педагошкиот и Факултетот за ликовни уметности. Потсетуваат и на нивното претходно барање за обезбедување бесплатен јавен превоз за студентите од втор и трет циклус на студии.
Од Министерство за транспорт и врски бараат да се врати бесплатен возен превоз за студентите со воз, кој беше ставен во мирување од март минатата година.
Понатаму, од Министерството за образование и наука бараат покачувањето на студентските стипендии да важи за сите студенти, не само за новите стипендисти, туку и за оние кои веќе земаат и ја продолжуваат својата стипендија.Дополнително, од УСС УКИМ бараат и враќање на правото на студентите од еднородителските семејства да плаќаат половина котизација за семестар на државен универзитет. Апелираат министерството да вложи во капитални проекти за подобрување на образовната инфраструктура. Во нивните барања до МОН се споменува и изработка на нов модел за финансирање на високото образование.
Воедно, од Министерството за здравство се надеваат на поддршка и помош за враќање на студентите на настава со физичко присуство.
Од универзитетското собранија се надеваат дека нивните барања ќе бидат реализирани во 2022 година.