Студентската автентична инцијатива Студентски пленум по повод 17 ноември – меѓународниот ден на студентите, организира голем студентски марш, преку кој ќе го изнесат ставот на студентите околу најавените реформи во високото образование.
Додатно, овој студентски марш има за идеја обединување на студентското тело во Македонија, потенцирање на проблемот околу (не)репрезентативноста на Студентскиот парламент при универзитетот „св. Кирил и Методиј“ и поттикнување на студентскиот активизам.
Во повикот пишува дека Пленумот го повикува секој студент кој што се чувствува обесправен да земе учество во овој марш и со тоа да го покаже своето несогласување со најавената реформа.
„Ние сметаме дека одбраната на студентските права не е само потреба, туку е и обврска на секој студент! Затоа да се појавиме на овој марш, да ги одбраниме нашите права, а со тоа да покажеме дека студентите не се пасивизирана маса чија единствена цел е стигнување до парчето хартија наречено диплома, туку дека се свесни и активни чинители на едно општество и не дозволуваат да бидат обесправени во рамките на истото“, се вели во соопштението.
Студентскиот пленум посочува студентскиот марш да биде мирен и дека на маршот секој треба да маршира како студент, а не како партиски полтрон, па затоа апелира секој присутен да се повикува на својата единствено значајна книшка- индексот.
Претходно, Студентски пленум организираше собир пред Ректоратот на УКИМ со цел прашањето за екстерното тестирање да биде точка на дискусија на состанокот помеѓу ректорот и универзитетскиот Сенат, но и три средби на кои се дискутираше за ова прашање.