Студентски избори на УКИМ: Поради техничка грешка утре ќе се прегласува на Институтот за безбедност

Студентските избори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска продолжија на пет факултети. Студенти ги гласаа своите идни претставници на Медицинскиот, Филозофскиот, Природно-математичкиот, Градежниот и Технолошко-металуршкиот факултет.

Радио МОФ посети дел од овие факултети, каде атмосферата беше мирна, но гласањето беше прекинато на Институтот за безбедност, одбрана и мир поради техничка грешка. Студентите ќе можат повторно да го дадат својот глас утре од 8 до 16 часот, информира претседателката на изборната комисија на факултетот, проф. Светлана Трбојевиќ.

„Беше направен пропуст во номинацијата на членовите во однос на факултетското студентско собрание. Беа номинирани пет, на гласачкото ливче по техничка грешка од страна на изборната комисија се појавија четири. Едноставно е направен пропуст од страна на изборната комисија. Ние го увидовме тој проблем, го прекинавме изборот, ги прогласивме дотогаш гласачките ливчиња кои беа употребени за неважечки, изготвивме нови гласачки ливчиња, повторно ќе поставиме допис до студентите да излезат на гласање во текот на утрешниот ден“, изјави Трбојевиќ за Радио МОФ.

Таа додава дека врз основа на записникот од избирачката поткомисија изготвен е нов записник и нова одлука со која се комплетира листата на номинирани членови на факултетското студентско собрание.

„На сите други институти (н.з. избирачкиот процес) непречено се одвива, комисиите се присутни на избирачките места, студентите можат да пристапат со приложена легитимација, односно индекс. Добиваат две гласачки ливчиња, едното ливче се однесува за избор на претседател, другото гласачко ливче се однесува за избор на членови на факултетското студентско собрание. Досега немаме пријавено никакви проблеми, во тој контекст сметаме дека сè се одвива непречено“, додава Трбојевиќ.

Потенцираше дека излезноста е мала, а слична била ситуацијата и во првиот круг кога се правеле номинациите.

„Тоа покажува дека нема голем интерес за учество во овој демократски процес. Но, наше е на еден најтранспарентен начин да го организираме овој процес и да ги запазиме сите законски регулативи“, вели Трбојевиќ.

Изборите за студентски парламент и претседател и на Медицинскиот факултет се одржуваа во повеќе простории. Радио МОФ го посети Амфитеатар број 2 каде гласаа студентите од втора година.

„Изборите поминуваат во најдобар ред, досега гласале околу 700 студенти односно има излезност од 10%. Прв пат се одржуваат избори од ваков тип и засега сме задоволни од нивниот тек“ – изјавија членовите на подизборната комисија.

Студентски избори на Медицински факултет

„Јас гласав денес и очекувам дека овој процес ќе помогне да се решат некои од проблемите на студентите. Тие веднаш ќе може да ги адресираат проблемите до студентските тела и дека ќе има поголема организираност на факултетот“, истакна студентката Симона.

Пред портата на Медицинскиот Факултет стоеја група на млади лица кои иако се претставија како студенти рекоа дека дека не учествувале во процесот и дека не гласале.

Од комисијата на Градежниот Факултет велат дека изборните места се отвориле во 10 часот, а до 11:30 гласале 50 студенти.

Студентка на Градежен факултет за Радио МОФ изјави дека од студентското собрание очекува да им помогне на студентите во секоја мера, во зависност од нивната програма.

Студентски избори денес се одржаа и на Природно-математичкиот факултет каде започнаа во 9 часот, а право на глас имаа 1277 студенти, вклучувајќи ги студентите од прв, втор и трет циклус на студии.

Студентски избори на ПМФ

„Она што е особено значајно да се напомене е што се вклучени институти од целиот ПМФ, вклучувајќи го институтот за биологија, хемија, математика, физика, етнологија и географија, како и сите студенти кои што имаат запишано редовно соодветен семестар“, изјави доцент д-р Оливер Тушевски претседател на изборната комисија.

Тој додава дека според некои проценки, до 12 часот, гласале повеќе од 100-тина студенти, а дека тоа се наближува до бројката од околу 10% од вкупниот број на студенти кои се запишани, и кои ги има на списокот за гласање.

Студентски избори денес се одржаа и на Технолошко-металуршкиот факултет.

Следни се закажани на Машинскиот, Архитектонскиот и Економскиот факултет.