Студентски избори на ФИНКИ и надеж дека новото собрание ќе се бори за студентските права

Денес се одржаа студентски избори и на „Факутетот за информатички науки и компјутерско инженерство“ (ФИНКИ). За разлика од изборните комисии на повеќето факултети, на ФИНКИ не сакаат да дадат изјава за Радио МОФ за текот на гласањето. Единствено споделија дека до 14 часот гласале точно 226 студенти, како и дека неколкумина студенти биле спречени да гласаат бидејќи не носеле индекс.

Од изборната комисија на ФИНКИ најпрво се консултираа со нивниот правник, па дури потоа дозволија  Радио МОФ да фотографира. Надвор од просториите на факултетот поразговаравме со неколку студенти. За тоа какви очекувања и надежи имаат студентите после овие избори, студентот С.К рече:

„Јас гласав бидејќи искрено се надевам дека нашето собрание составено од студенти, ќе се бори исклучиво само за нашите права, дека за многу работи преку нив ќе одлучуваме и ние студентите”.

За денес беа планирани и избори на „Филолошкиот факултет“, но одложени се за на 11 декември, поради тоа што не биле пријавени доволно кандидати за членови на Факултетското собрание.

Александра Субашиќ