Студентски хакатон за изработка на решенија за дигитализација на услугите во високото образование

Младински образовен форум организира студентски хакатон на кој ќе се изработуваат решенија, предлози и идеи кои ќе придонесат кон дигитализација на услугите во високото образование.

„Целта е студентите да придонесат во подобрување на работата на факултетот/универзитетот каде што студираат, да ја унапредат состојбата со студентското организирање или да им овозможат полесно справување со административните процедури на универзитетите. Идеите кои ќе се разработат на овој хакатон треба да им помогнат на студентите да влијаат на одреден проблем од високото образование“, појаснуваат од МОФ.

Хакатонот ќе се одржи на 25, 26, и 27 февруари, во просториите на Јавна Соба. Предност ќе се даде на студенти што студираат на факултети од областа на технички и информатички науки.

Учеството на дипломирани студенти и магистри по информатички науки е дозволено и охрабрено, велат од МОФ.

„Пријавувањето е индивидуално или во тимови. Доколку се пријавите индивидуално, МОФ го задржува правото да ве распореди по тимови. Тимовите треба да се состојат од 5 студенти. Студентите ќе имаат можност да работат под менторство на искусни програмери и да се здобијат со знаења во областа на програмирањето“, стои во повикот.

Пријавувањето трае до 15 февруари на следниот ЛИНК.

Хакатонот е организиран во рамки на проектот „Студентска акција за дигитализирани образовни услуги“, поддржан од Фондацијата Метаморфозис преку проектот за Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA, ко-финансиран од Европската Унија.