„Студентски град, сега!“ – конференција на Културно Ехо

Невладината организација Културно Ехо организира конференција на тема „Студентски град, сега!“, како дел од проектот „Од напуштена фабрика до студентски град“.

Во соработка со Сити Скоп и Општина Ѓорче Петров, конференцијата ќе се одржи следниот вторник (27 октомври), од 18 ч. до 20 ч. во Домот на културата – Општина Ѓорче Петров.

Според програмата, ќе се одржат две панел дискусии за „Студентски град , потреба или луксуз за време на пандемија?“ и „Скопје град на можности , видено низ примерот на напуштениот индустриски комплекс „Купрум“. Покрај ова, ќе има и онлајн интервју со Термокис, социјално-културен центар за млади во напуштена фабрика во Приштина, Косово.

Настанот ќе се одвива онлајн поради почитување на препораките за заштита од Ковид 19 донесени од Владата на Р.С. Македонија и ќе се пренесува преку live stream.

Целта на проектот e да се реактуелизира доставената иницијатива до Влада на Република Северна Македонија за ревитализација и пренамена на фабриката „Купрум” во студентски град на културата.

„Како еден од бројните изградени објекти од индустриско наследство во Република Северна Македонија, Купрум е појдовна точка во низата други, кој го има капацитетот да промовира интеркултурализам и кој претставува податлива подлога за формирање на социо – културни врски помеѓу неговите корисници.

Со негова пренамена во студентски град ќе придонесе кон децентрализирање на културно-образовната понуда надвор од централното градско подрачје и ќе биде дополнителен капацитет кој ќе може да одговори на културните потреби на градот“, сметаат од Кулутурно Ехо.

Со низа активности, тие го прикажуваат потенцијалот на оваа локација и можноста да прерасне во мултифункционален комплекс, кој би ги задоволил култоролошко – едукативните потреби на младите со интегрирање во современата општествена стварност, а воедно и би придонел кон регенерирање на урбаното ткиво на градот.

Проектот е финансиран од Агенција за млади и спорт на Република Северна Македонија.