Студентската правобранителка Бојаџи: Добро е што се работи на нов Закон за високо образование

Студентите со своите забелешки треба да се вклучат во носењето нов Закон за високо образование за да биде донесе закон кој ќе ги отсликува нивните потреби, истакна студентската правобранителка Васка Бојаџи која говореше на трибина организирана од СПУКМ и Студентскиот Парламент на Економскиот факултет со наслов „Студентските права“.

Пред дваесетината студенти присутни на денешната трибина, Бојаџи укажа на правата на студентите и на конкретни прашања појасни како може да постапат доколку забележат несоодветно работење на нивниот факултет. Таа потенцираше и дека нејзината улога нема да се смени без разлика дали ќе се донесе нов закон или ќе се измени постоечкиот.

Беше одлучено дека ќе се работи на нов Закон за високо образование. Која ќе биде вашата улога овде како студентски правобранител?

Јас како студентски правобранител, се грижам за правата на студентите и мојата работа всушност се состои од секојдневна примена на правните правила од областа на високото образование. Токму поради тоа добив покана од Ректорот на универзитетот да бидам дел од таа работна група на новиот закон за високо образование. Првата работна средба веројатно ќе се одржи во текот на наредната недела. Прво требаше за оваа недела, меѓутоа беше одложена. Станува збор за членовите на работната група каде има и студенти и професори, понатаму имаме и сенатори и проректорот за настава ќе биде дел од таа работна група како и претходните проректори на настава, а останатите станува збор за луѓето кои имаат експертско знаење од областа на образованието и сигурна сум дека во текот на тие работни средби  ќе бидат понудени добри решенија коишто ќе придонесат за подобрување на статусот на студентите и подобрување на квалитетот на виското образование.

Според вас, дали е потребен нов Закон за високо образование?

Ако беше направена уште една промена, тогаш тоа би била 16-та промена по ред. Токму поради тоа мислам дека мора да биде донесен нов закон за високо образование, иако за мене како студентски правобранител правната норма независно од тоа дали е инкорпорирана во нов закон или претставува измена на стар закон, има иста правна вредност, значи, има правна сила во практиката. Меѓутоа, заради конзистентност на текстот, заради подобар квалитет на текстот, заради елиминирање на сите оние недоречености, контрадикторности во рамките на законот сметам дека е корисно и добро е да се работи на нов закон за високо образование.

Дали конкретно кај вас досега има пристигнато преставка за државниот испит?

Како студентски правобранител можам да постапувам само доколку настане повреда на правото на студентот, а нели државниот испит беше дел од законски текст којшто беше ставен во мирување и којшто понатаму треба да биде имплементиран.

Кои се надлежностите на студентскиот правобранител?  

Студентскиот правобранител е орган на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ чијашто основна функција е заштита на правата на студентите во случај на нивна повреда од страна на факултетите, односно единиците на универзитетот, професорите, притоа како и други лица вклучени во наставно-научниот процес. Во случај на повреда на правата на студентите, студентите секогаш мора да се обратат со преставка пред студентскиот правобранител кој треба да биде во писмена форма кој може да биде доставена или во имејл форма или преку пошта или директно во канцеларијата на студентскиот правобранител. Таквата преставка не мора да биде во посебна форма или во некој посебен образец. Може да биде наведено за каков вид на повреда на правото станува збор. Не е неопходно студентите да наведуваат одредби од закони и правила на студирање, туку само да опишат фактичка состојба. Инаку, постои можност за анонимно поднесување на преставките во случај кога станува збор за прашања кои се од поширок интерес, од интерес на една поголема група студенти. Дури и кога станува збор за прашање од поголема група на студенти, а која што нема поднесено анонимно, јас имам практика да ги водам анонимно како такви нивните престаки за поголема заштита на студентите.

Досега какви жалби најчесто пристигнуваат од студентите?

Имајќи предвид дека има разнолични програми на студирање на сите факултети на нашиот универзитет и преставките коишто ги добивам се од разнолична природа. Меѓутоа, меѓу они коишто можам да ги истакнам се и неводењето на соодветна евиденција на присуство на предавања, неводењето соодветна евиденција на постигнатите резултати на завршните испити, односно неуредност на студентското досие. Понатаму, се случуваат проблеми на неосновано дополнително финансиско оптеретување на студентите. Имаме проблеми од видот на неможност на студентите да положат одредени предмети кај одредени професори и по неколку пати презапишување на истоимениот предмет, понатаму однесување на професори коишто не е во согласност со правилата на студирање на факултетите и не е во согласност со етичкиот кодекс на универзитетот.

Колку професорите соработуваат со студентскиот правобранители за жалбите коишто пристигнуваат до нив? Колку тие ги прифаќаат нивните грешки?

Основен начин на работа на студентскиот правобранител е преку медијација, односно преку директно пристапување до професорите или деканатската управа на факултетите. Така што во најголем дел од ситуациите кога професорите самите ќе си ги увидат грешките тие веднаш реагираат и пробуваат сами да ги корегираат. Но, и доколку тоа не е случај секогаш како студентски правобранител се обраќам до деканот на факултетот кој е должен да преземе мерки за заштита на правата на студентите на неговиот факултет и којшто се разбира како декан на факултетот има право да донесе одлука со којашто ќе ги задолжи професорите да преземат определени мерки по укажување, односно по препорака на студентскиот правобранител.

Е.П.