Студентската архитектонска изложба „Став“ од утре во Прилеп

Во рамките на манифестацијата Прилепско културно лето, утревечер во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „СТАВ“ (Студентска архитектонска визија), сочинета од дипломски проекти на генерацијата студенти запишани во 2006 година на Архитектонски факултет во Скопје, .

СТАВ – Студентска Архитектонска Визија

Отворањето е утре (2 јули) во 20.30 часот, а изложбата ќе трае до 10 јули. Покровител на оваа изложба е Асоцијацијата на Архитекти на Македонија (ААМ) најголемата професионална архитектонска организација кај нас.

 „На оваа изложба сакаме да ги промовираме нашите проекти кои имаат еден свеж и зрел став кон архитектурата, кои покажуваат една нова визија за иднината на нашата архитектура. Оваа иницијатива покажува дека има многу проекти кои остануваат неизведени, а имаат големи архитектонски квалитети.

Затоа сакаме тие да не останат невидени и да бидат инспирација за сегашните и идните архитекти.
Нашата генерација има дипломски проекти од различен карактер и за различна намена и гледајќи ги оценките со кои беа оценети од Архитектонскиот факултет слободно можеме да кажеме дека ви прикажуваме многу квалитетни проекти и дека од оваа генерација ќе има голем број успешни архитекти. Затоа сакаме крајот на ова патување наречено факултет да го затвориме со една изложба каде покрај нашите професори ќе може и јавноста да ја види нашата креативност. Да види што можат да очекуваат од нас во иднина и каква архитектура сакаме ние да има.

Меѓу проектите ќе видите културни центри, винарии, реадаптации на напуштени индустриски објекти, планетариуми, урбанистички проекти, проекти за заживување на македонските села, нови градски центри, хотели, облакодери и многу други архитектонски и урбанистички проекти. Се со цел да покажеме една
разновидност и еден наш став за различните сфери во архитектурата“, порачуваат учесниците.

Извор