Студентска програма и три работилници на седмиот „МакеДокс“

Под мотото „Сите сме приказна“, од 20 до 26 август 2016 година во Куршумли-ан, Чифте амам и Музејот на современата уметност во Скопје ќе се одржи  седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Годинава „МакеДокс“ ќе прикаже вкупно 63 документарни филмски остварувања распоредени во пет програми: Главна програма, Нови автори, Руски снег, Кратки документарци и Студентски приказни, како и неколку работилници.

Со програмата „Студентски приказни“ се остварува желбата на „МакеДокс“ да ги здружи студентите-раскажувачи од целиот свет. Годинава има нова натпреварувачка програма со 23 студентски филмови чии автори, продукции или приказни претставуваат 22 земји: Холандија, Германија, Португалија, Естонија, Турција, Србија, Словенија, Хрватска, Белгија, Индија, Унгарија, Швајцарија, Јапонија, Лесото, Јужноафриканската Република, Романија, Македонија, Молдавија, Австрија, Чешка, Грција и Сирија. На фестивалот ќе бидат присутни и 20 автори на овие филмови.

Во студентската програма има 3 светски премиери со документарни филмови на македонските автори Тамара Котевска, Сандра Јовановска и Ана Алексовска. Студентската програма ќе се отвори со домашниот документарен филм „СТУДаНТС “ на Тамара Котевска, по што студентските приказни ќе продолжат да се раскажуваат во пет слоевити комбинации пред Куршумли-ан.

Годинава на „МакеДокс“ ќе се случат три работилници: „Работилница за уметноста на раскажувањето“ од 21 до 24 август во Музејот на современата уметност; „Раскажувачите раскажуваат“ од 22 до 25 август во Чифте амам; и „Сторивуд“ во и околу Куршумли-ан.

Пикисипи или диџеј Димитри од Чаир, од култните „Чиста околина“ и „САФ“, ќе биде ментор и предавач на „Работилница за уметноста на раскажувањето“ посветена на уметноста на раскажувањето во хип-хопот. Овој четиридневен „празник за ушите“ ќе собере на едно место некои од најреномираните македонски хип-хоп артисти кои преку сопствените творечки искуства во рапувањето, продукцијата и скречувањето, брејкденсот и графитите, ќе се обидат да го демистифицираат креативниот процес како феномен и да понудат формула за тоа како се станува квалитетен наратор во конкретниот елемент на хип-хопот. Работилницата е отворена за сите коишто сакаат да прераскажуваат приказни, особено музички.

За годинашниот „МакеДокс“, Иика Вехкалахти од Финска осмисли серија мастер-класови – приказни „сечени, лепени и монтирани“ – по свој драматуршки рецепт. Најавено е по едно предание за секој фестивалски ден. Предавањата со наслов „Раскажувачите раскажуваат“ ќе бидат отворени за сите заинтересирани раскажувачи, а особено за режисерите и студентите по филмска уметност.

За искуството, вредностите и т.н. филмски гревови тој ќе раскажува заедно со режисерите Магнус Гертен (Шведска), Петра Селишкар (Словенија), Клаудија Тоси (Италија), Дон Едкинс (Јужна Африка), Лена Пасанен (Финска), Стефано Теалди (Италија), Татјана Соболева (Русија) и Андреас Јонсен (Данска).  Иика Вехкалахти е извршен продуцент во „Осмели се да сонуваш – Азија“ и компанијата „Раф кат“, која им дава онлајн-поддршка на авторите на креативни документарни филмови во последната етапа од продукцијата.

Со работилницата за деца и млади по години или дух „Сторивуд“ на неколку акупунктурни точки во градот оваа година ќе се иницираат приказни и вештини за градење и истражување низ игри.

Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Медиа програмата на Креативна Европа, Националната фондација за демократија и Град Скопје.