Студентска конференција за „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ на ФЕИТ

СКЕЕОР е студентска конференција на тема „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ што ќе се одржи од 5 до 8 декември на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ во Скопје.

Конференцијата е наменета за додипломци и постдипломци, претставници од академската средина кои се занимаваат со оваа проблематика и сите компании кои во текот на своето работење имплементираат методи кои се поврзани со енергетска ефикасност и одржлив развој.

Основната идеја на конференцијата е размена на знаења и мислења меѓу студентите, професорите и претставниците од компании со што би се направил чекор напред кон решавање на дел од проблемите од областа на енергетска ефикасност и одржлив развој. Конференцијата опфаќа широки и актуелни области на истражување како обновливи извори на енергија и сите класични и иновативни решенија за подобрување на енергетската ефикасност. Студентите може да обработуваат теми од областа на автоматизација како и паметни мрежи кои вклучуваат интегрирање и редовно користење на електрични возила. Енергетски ефикасните материјали и објекти имаат огромен потенцијал кој студентите исто така ќе можат да го истражат во рамките на конференцијата.

Се очекуваат над 50 научни трудови, голем број пленарни предавања и над 150 учесници меѓу кои студенти и професори од реномирани странски универзитети. Пријавувањето на апстракти е до 1ви октомври, а на цел труд до 1 ноември 2018. Влезот е слободен и за сите заинтересирани за да ги слушаат презентациите.