Студентска изложба на идните дизајнери на мебел и ентериер

Прва изложба на студентите од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер е отворена синоќа  во Музејот на Град Скопје, а ќе може да се посети до 2 јуни.

Претставени се повеќе од 200 цртежи и макети со кои студентите – идни дизајнери на мебел и ентериер ќе  ѝ го претстават на јавноста изработеното во текот на студиите  од предметите: Стилови и декорација, Ликовно изразување со пластично обликување, Перспектива, Композиција, осветлување и бои, Проектирање – основи и реализација, Индустриски дизајн – современи движења и Резбарство.

Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер е единствена високообразовна и научно-истражувачка установа од областа на технологијата на дрво и дизајн на мебел и ентериер.

Основан е во 2010 година како следбеник на четиридецениската традиција на студиите од областа на дрвната индустрија, механичката технологија на дрвото и проектирање мебел и ентериер, што до учебната 2009/2010 година се организираа на студиските програми на Шумарскиот факултет при УКИМ.