Студентска дебата – Моќта на правната мудрост

Дали треба воопшто да се воведе сурогат мајчинството, кој е навистина „Charlie Hebdo“, зошто студентите се против државниот испит, но и дали новите реформи ќе вродат плод и во квалитетот на работа кај професорите на универзитетите, се темите кои беа отворени на синоќешната дебата „Моќта на правната мудрост“ на Правниот факултет во Скопје.

Во дебатата беа вклучени новинарот Александар Пешев, професорот од Правен факултет д-р Дејан Мицковиќ и дипломирана студентка од Правен факултет, Зорица Наумовска.

Наумоска се осврна на трите клучни поими – моќта, правото и мудроста. Според неа, секој правник се наоѓа во ситуација кога треба да избере дали ќе ги искористи пропустите во законите за одредени цели или ќе игра на картата на мудроста.

Новинарот Александар Пешев пак зборуваше за тоа како новинарите известуваат за настаните, потсети дека медиумите во земјава се повеќе тонат според извештаите на Репортери на граници и побара власта да ги тргне рацете од медиумите.

„Имаме системски проблеми во македонското новинарство за кое не треба само владата да се ангажира и да се повлече од контролата или позицијата кај некои медиуми, туку и самите новинари да се ангажираат за да се изборат за своите права, да се изборат за својата независност, но и што би рекол мојот прв уредник Ерол Ризаов, „никој нема тоа да ти го даде на тацна“, рече Пешев.

Според професорот Мицковиќ, Македонија е уникатна по носењето на одредени закони. Тој на дебатата се осврна на Законот за сурогат мајчинство и ги сподели со студентите реакциите на своите колеги од странство кои за вакви закони гледале со изненадување. Во однос на примерот кој го посочи со сурогат мајчинството посочи дека се дозволи комерцијализација на процесот на репродукција, се доведува човекот да биде ништо повеќе од еден инкубатор.

„Ова е ситуација кога самата жена не е господар на своето сопствено тело и тоа е цивилизациската логика од 21 век во Македонија“, рече Мицковиќ.

Настанот е дел од проект на студентите од Правниот факултет „јустинијан Први“со професорката Добринка Тасковска. Како што информираше Тасковска, проектот вклучува серија дебати низ кои практично ќе се бараат одговори на повеќе прашања од сферата на правните науки.