По скоро еден месец, викендов во Дебар заврши кризната состојба прогласена поради појавата на поголем број заразени со новиот коронавирус. Сепак, цел месец луѓето од Дебар и нивната соседна општина, Центар Жупа беа во карантин и не смееја да ја напуштат општината. Селмин Несимоски, студент на Институтот за безбедност, одбрана и мир во родното место се врати уште во февруари, пред да започне колоквиумската недела.
Подоцна, кога општина Дебар беше ставена во карантин, не можеше да излезе оттаму. Неговите работи останаа во студентскиот дом „Пелагонија“, кој беше затворен на средината на март, поради букнувањето на заразата. Потоа Владата донесе уредба дека сите студентски домови треба да бидат на готовс, за ако има потреба да се користат како државни карантини, по што раководствата во домовите дадоа рок од неколку дена за подигнување на работите. Селмин беше револтиран затоа што никој не се сети на студентите кои живеат во регионот под карантин.
„Надлежните органи заборавија на една многу битна работа, како студентите од кризното подрачје во Дебар ќе стигнат во Скопје во услови кога тие не смеат да ја напуштат нивната општина? Баравме одговор на ова прашање, но за жал како и се останато ние не добивме одговор и насоки како да се справиме со овој проблем. Со други зборови, студентите за кои практично „најмногу се грижеа” сите овие речиси три децении, се оставени без никаков одговор“, вели Селмин.
Времето во карантин, вели, го минува во учење и дружба на социјалните мрежи. Задоволен е поради тоа што наставата на неговиот факултет се префрли онлајн, па може да ги следи часовите на Институтот кој е дел од Филозофскиот Факултет при УКИМ.
„Добивме конкретни насоки и препораки од УКИМ, добивме пристап до MS Teams за да се одржуваат предавањата, исто така добивме пристап и до платформите JSTOR, репозиториум на трудови на УКИМ, Портал за научна и академска периодика. Полагањето ќе се реализира по завршување на кризата со која се соочува нашата држава, предметите ќе се полагаат на испит во јунската сесија. Останува прашањето дали ќе биде доделена дополнителна сесија за студентите, покрај стандардните сесии“, објаснува тој.
Според него, со оглед на тоа што целиот регион важи за печалбарски крај, не е чудо што токму тука се појавија голем број случаи на заразени со новиот коронавирус. Среќа во несреќата, вели, е тоа што институциите имаа можност да се посветат на овој регион.
„Доколку овој регион не беше прв, мислам дека бројката ќе беше неколкукратно поголема од онаа која ја имаме денес, бидејќи овој регион веќе речиси три децении е заборавен од страна на државните власти, оставен е на работ на пропаста“, забележува студентот.
Во времето на карантинот, и за дебарчани важеа сите мерки како и за останатите македонски граѓани. Со таа разлика што никој не смееше да ја напушти општината. Тоа, вели, Селмин, го зголеми стравот кај жителите, ги откри недостатоците на системот и го отежна секојдневието, посебно на тие што имаа потреба од лекарски прегледи надвор од општината, или лекови кои ги нема во Дебар. Како што бројот на заболени растеше, така растеше и стравот.
„Тешко е да се функционира во услови во кои функционираа дебарчани, особено кога знаевме дека тоа важи само за нас. Мерките кои беа најстроги во овие општини дополнително ја отежнува загриженоста на граѓаните. За самиот страв, стрес и загриженост сведочат и невообичаените речиси празни улици, додека пак, оние кои се надвор најчесто ги напуштиле своите домови со цел да ги земат основните прехранбени производи или лекови. Меѓутоа, маските на нивните лица и ракавиците, иако беше кажано од СЗО и МЗ дека тие не штитат од вирусот, туку штитат ние да не пренесиме доколку сме заразени, како и избегнувањето на едни со други, сето тоа сведочи за стравот, стресот и нивото на загриженост на ова население“, вели Селмин.
Но, паралелно со стравот од коронавирусот, во Дебар расте и стравот од стигматизација, како врз оние кои се вратиле од странство, така и кон луѓето кај кои беше потврден вирусот. Селмин вели дека предрасудите и стереотипите се многу присутни. Откако дел од лекарите се заразија со коронавирусот, сега вели дека луѓето се плашат да отидат и кај нивниот матичен лекар, независно каков проблем имаат.
Како студент по одбрана, безбедност и мир, укажува дека во земјава се уште нема добар систем за справување со вакви проблеми, кој ќе се базира на превенција, координација и организација. Низ едноставен пример појаснува, за да се превенира одредена криза требаат 1000 денари – за да се лекува, потребни се 10.000 денари.
„Искуството од сите други држави кои беа пред нас погодени од кризата, несомнено ни даде доволно индикатори да го спремиме и нашиот комплетен државен систем за справување со овој вирус, но сепак повторно и повторно нашиот систем потфрли, или пак неговите политизирани речиси три децениски кадри немаа капацитет да се справат. Немањето на професионалност во рамките на институциите, длабоката партизација и нивното политизирање го носи во пропаст нашиот систем на државата. Најголем дел од мерките беа донесени со задоцнување, во ситуација во која знаете дека вирусот ќе удри со целата негова сила во сите сектори, нашите институции повторно го заборавија правилото за превенција, тие се посветија на лекување, а не на превенција на вирусот“, забележува тој и додава „кадрите на овие институции мора да произлезат од академските клупи, а не од партиските штабови.“
Како млад човек, вели дека еден од најголемите предизвици е тоа што мора да се остане дома, за да се почитуваат мерките на надлежните институции. Потребата од социјално дистанцирање и забраната за собири, смета дека младите ги стави на тест. Меѓутоа се надева дека сето ова ќе придонесе за кај нив да се изгради самодоверба, одговорност, почит, но и да се разбере значењето на семејството и најблиските.
„Мојата порака до сите млади луѓе е да останат дома, нека го искористат времето во усовршување на некоја дигитална вештина. Во ера на дигитализација многу е лесно да се издржи одреден период на изолација, а замислете ова да се случеше кога најголем дел од нас немавме пристап до интернет и телевизиски програми, освен основните телевизии. Бидете одговорни, останете дома и искористете го овој период за да се усовршете и надоградите со дополнителни знаења. Почитувајте ги мерките и бидете одговорни граѓани, бидете пример за останатите“, вели Селмин.
Ј.Ј.