Студентот Петар донираше 1000 маски на ФЕИТ: Ако факултетот ми дал знаење за цел живот, зошто јас да не помогнам

Студентот Петар Краљевски неодамна донираше 1000 маски на Факултетот за електротехника и информациски технологии, каде тој студира на одделот за Компјутерско-системско инженерство, автоматика и роботика (КСИАР).

„Најпрво идејата ми дојде поради самата ситуација во која се наоѓавме последните неколку месеци и која се уште трае. Ако мене факултет ми дал знаење кое ќе ми е потребно цел живот, зошто јас да не му помогнам со еден ваков хуман гест“, вели тој за Радио МОФ.

Од вкупно 1000 маски, 900 се обични, додека на 100 од нив кои треба да се довршат ќе стои логото на ФЕИТ, појаснува Краљевски. За изработката се погрижило неговото семејство, кое е производител на заштитни маски.

„Сметам дека секој студент и млад човек треба да биде мотивиран да помогне во полињата каде што може“, додава тој.

Студентите на ФЕИТ периодов полагаат онлајн, но и физички. Краљевски вели дека иако првично сакал да полага физички, професорите и студентите од неговиот смер одлучиле тоа да се спроведува преку интернет.