Студентка сместена во Заводот „Бања Банско“: Државата си игра со нас

Студентка сместена во Заводот „Бања Банско“: Државата си игра со насХристина Николовска од Куклица, кратовско поради својот телесен инвалидитет е сместена во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“, од својата осма година. Овде е донесена поради тешката социјална состојба на нејзините родители. Таа за неколку дена ќе полни 21 година,  во меѓувреме студира, а пари од државата за мобилност ќе зема дури по 26-та година.

Во својата приказна, што Христина ја раскажува за Е – магазин, вели дека се родила како и секое нормално здраво дете, за на четиригодишна возраст да почне болеста од која добива стотина скршеници, и поради која се откажува од редовното училишште, а честопати е изложена и на потсмев од средината.

„После секоја скршеница мене ми се искривуваа коските.На седум години требаше да тргнам на училиште , но сите знаеме дека во Кратово еден инвалид не може да излезе во двор со количка, а не пак на школо. А и моите немаа пари секојдневно да ме носат на школо и пак да ме враќаат назад. Татко ми земаше само социјално“, раскажува Христина и додава дека  за неа најпеколен  бил денот кога ја однеле во заводот„Бања Банско“.

По завршувањето на основното училиште, се запишува во средно училиште во Струмица, како единствен ученик со количка, за потоа да добие стипендија и да се запише како вонреден студент на Универзитетот ФОН. За тоа што државата ќе обезбеди пари за нејзе дури по нејзината 26 година, го има следниот коментар:

„Секогаш се смеам кога ќе го слушнам ова со мобилност и тие 26 години. Државата се изглупираа како мало дете кога прво им даде додаток за мобилност, секако пред избори, а после тоа, „пу – пу не важи“. Детски игри. А тоа со 26-те години? Ха, ха. Можеби државата мисли дека нас не ни се потребни пари. Што ќе ми се мене пари за излегување, облека и сл.? Не ми требаат. Јас во државата и не се крстам многу. Кога може татко ми, ми праќа. Е сега малку пари, но тоа е. Државата не сфаќа дека овде секој ден гледам жални работи.Има луѓе кои не се способни да посетуваат каква било настава. Ниту пак имаат некој свој да им купи, да им даде. Жално е. До 26 години ќе морам да дремам овде. Се надевам дека ќе успеам да излезам од дупкава и дека ќе имам некоја работа, стан“, вели Николовска.

Целиот текст за храбрата студентка може да се прочита на Е магазин.