Средношколка од дијаспората собира пари за реновирање на тоалетите во битолското Медицинско училиште

Медисон Ристевски е средношколка која живее во австралискиот град Волонгонг и е со македонско потекло. Како дел од домашна задача таа требала да направи проект чија цел е да ги вклучи учениците во решавање на проблеми во локалната заедница. Медисон решила да им помогне на учениците од медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, кои секојдневно учат во лоши услови.

Изминатиов месец таа започна онлајн кампања за собирање пари на платформата „Гоу фанд ми“. Кампањата веќе стана популарна. Па така, од крајната цел да се соберат 20 800 евра, досега успеале да соберат над 12,500 евра.

Медисон вели дека откако ја посетила Македонија сфатила дека има среќа што живее во Австралија, каде здравството, образованието, демократијата и квалитетот на живот се сметаат за едни од најдобрите во светот.

„Одењето во Медицинското училиште во Битола требаше да биде возбудлив настан. Можност да се доживее од прва рака еден ден во животот на еден ученик во клучна образовна институција. Наместо тоа, до крајот на денот, бев растажена и нервозна поради состојбата со која тинејџерите секојдневно се соочуваат. Ѕидовите и таваните на нивниот образовен објект беа покриени со мувла. Тоалетите беа или скршени, протечени или не пуштаа вода правилно и непријатен мирис беше забележлив од моментот кога ќе влезете.

Се прашував гласно зошто не се прави повеќе за објектите за идните генерации да станат приоритет. Имав повеќе разговори со повозрасни од различни потекла и професии. Оттука научив дека проблемите на неразвиените нации се комплексни – мешавина од политички, социјални, културни и финансиски фактори кои ги комплицираат едноставните работи што ние во развиените земји ги земаме здраво за готово. Ова, заедно со сложената историја на Македонија, ме натера да разберам дека она што на прв поглед се чини едноставно, всушност не е воопшто едноставно.

Моето искуство е дека децата учат од дома, заедницата и државата. Ако недостасува инспирација дома, има депресивна заедница и бројни сложени проблеми со кои се соочува една земја, тогаш како децата да растат, просперираат и да ги бркаат своите соништа“, напиша таа во описот на кампањата.

Сепак, Медисон е свесна дека проблемот кој се обидува да го реши е преголем за да го направи тоа сама. Поради ова, таа соработува со професорката Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, која предава во гимназијата. Заедно ќе се обидат да решат барем еден дел од проблемот, така што ќе ги реновираат тоалетите.

„Тоалетите во нашето училиште се децении во најужасно светло кое една образовна институција може да си дозволи. Едноставно им должевме многу повеќе на нашите ученици. Баравме начин со мојата директорка Билјана Кокалевска и го најдовме. Без огромната поддршка од Медисон Ристевски и Џим Ристевски немаше да стигнеме до каде што сме сега. Собрани се поголем дел од средствата, ни фали уште малку“, вели професорката Петковска-Микаровска за Факултети.мк.

Таа ги повикува компаниите да помогнат со цел да го завршат проектот и од септември училиштето да светне во ново руво.

Претходно, Медисон се информирала за трошоците што би ги имало при реновирањето, контактирајќи локални градежни фирми. Вели дека идејата ја претставиле и пред локалните власти кои се согласиле да го поддржат проектот ако ги соберат парите.

„Мојата идеја е да покажам дека работите се можни и се надевам дека ќе работиме на креирање на национален план за да им помогнеме на сите училишта во Македонија да постигнат стандард за тоалетите што се на располагање“, вели оваа средношколка.

Емилија Петреска