Студентите во Тексас наскоро ќе смеат да носат оружје на факултет

Сенатот на американска држава Тексас го поддржа законот со кој на граѓаните (а со тоа и на студентите) ќе им биде дозволено да носат скриено оружје на универзитетските кампуси.

Во Тексас, кој има речиси 30 милиони жители, на факултетите годинава се запишани над 1.5 милиони студенти. Законот сега оди во долниот дом на државниот парламент на Тексас, каде исто како во Сенатот, мнозинство имаат Републиканците, кои гласаат „за“ оваа мерка.

Поддржувачите на законот, кој е предлог на здруженијата кои се залагаат за право на носење оружје, велат дека ова ќе им помогне на лиценцираните студенти, кои имаат над 21 година, подобро да се заштитат.

Од друга страна, противниците на новиот закон главно се од органите на редот и од академската заедница.

„И натаму сум внимателен за ефектите од овој закон на системот на Универзитетот Тексас. Постојано слушам од студентите, родителите и наставниците за нивната вознемиреност од овој закон. Поради ова, моја должност е да продолжам да изразувам загриженост, додека овој закон поминува низ процедура“, вели William McRaven, администратор на Универзитетот на Тексас, на кој учат над 52.000 студенти.

Повеќето американски држави забрануваат оружје на универзитетите, но има и такви во кои одлуката за тоа им се остава на универзитетските власти. Во моментов, седум американски држави дозволуваат носење скриено оружје на кампусите, а тоа се главно држави во кои досега се случиле повеќекратни убиства на универзитетите. Повеќе држави во кои власта ја имаат Републиканците се подготвуваат да донесат слични закони, а меѓу нив се Флорида и Монтана.

Во Тексас, трипати во последните шест години имало неуспешни обиди да се дозволи носење оружје на факултетите, но овој пат, законот има силна поддршка од долниот дом  на Парламентот, како и од гувернерот на државата Greg Abbott.