Студентите во среда напладне најавуваат студентски маршеви во Скопје и Битола

Студентски маршНа 10 септември (среда), со почеток во 12 часот, на платото на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Техничкиот факултет во Битола, студентите повторно ќе излезат на улица за да протестираат против најавите за воведување државен испит на универзитетите, но, како што велат, и за одбрана на правото на квалитетно образование, за достоинството и солидарноста.

Како што посочуваат од Студентскиот пленум на УКИМ, овој ден е одбран бидејќи ја претставува симболиката на Денот на човековите права, но и поради поволните временските прогнози.

Студентите во Битола пак, им забележуваат на институциите дека секогаш биле глуви кон нивните барања.

„Студентите со години се влечкаат по бирократските лавиринти, протнувајќи се низ дупките на конформизмот, додека достоинството ни се прпелка во прашината зад колапсот на образованието. Затоа ќе маршираме. Да си го повратиме достоинството“, се вели во повикот за студентскиот марш во Битола.

Маршот во Битола ќе започне пред Техничкиот факултет, ќе продолжи кон Медицинското училиште, по „Партизанска“ до фонтаната, по Широк Сокак – преку „Булевар 1 мај“ и ќе заврши пред Ректоратот на УКЛО.

Рутата за маршот во Скопје, пак, сè уште не е објавена. Во својот повик за маршот објавен на Фејсбук, „Студентскиот пленум“ ги поканува сите граѓани да учествуваат на маршот.

„Зошто оној којшто нема никаква допирна точка со оваа очигледно банална реформа би се поместил од својата зона на комфорт, би се облекол, би направил парола, би спремил грло и би излегол на улица да го брани својот став? Секако, ова се легитимни прашања кои секој би си ги поставил и во нив би го нашол изговорот да остане нем на реформите кои директно или индиректно го загрозуваат неговиот дигнитет, личност, достоинство, а пред сè – неговите права.

Но, има и такви луѓе кои во овие прашања ќе го најдат мотивот за да го поддржат маршот. Луѓе кои несебично се борат за сите свои сограѓани, за минатите, идните и сегашните генерации, без разлика дали нив ги засега оваа проблематика или не. Има луѓе кои,штом видат кај некого жар за подобро утре, од тој жар прават оган. Има родители кои своите деца не ги учат да бидат сервилни и да очекуваат дека некој друг ќе се избори за нивната иднина. Има основци и средношколци со поголем порив за борба од оние кои ги израснале. Има луѓе кои воочиле дека токму уживањето во својата зона на комфорт ги довело до ова ниво и дотаму кајшто се денес“, се вели во повикот на Пленумот.

На првиот студентски марш што се одржа во Скопје на 17 ноември, излегоа повеќе од 2000 студенти кои протестираа против државниот испит. Во текот на маршот, тие на симболичен начин го погребаа Студентскиот парламент и оставија писмо во Министерството за образование и наука во кое уште еднаш ги искажаа аргументите дека новиот испит се коси со правото за образование и автономијата на образовните институции.