Студентите во државните студентски домови може да аплицираат за Студентска картичка

Студентите сместени во државните студентски домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ или „Кузман Јосифовски – Питу“ официјално може да аплицираат за Студентска картичка, информираат од Државниот студентски дом (ДСД „Скопје“) под чија капа се овие државни студентски домови.

За добивање на студентска картичка студентите треба да се регистрираат на овој линк, а за понатамошните чекори ДСД „Скопје“ објави видео со детални упатства.

Рокот за аплицирање за картичката е до 23 декември, а од ДСД „Скопје“ уверуваат дека доколку се испочитува рокот картичката ќе биде навремено врачена.

„Ве молиме да го почитувате утврдениот рок и да аплицирате согласно инструкциите дадени во видео упатството, а Доколку Ви е потребна дополнителна помош за аплицирањето, да се обратите до службите на Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје на некој од следните начини: преку директна порака на нашите Facebook и Instagram профили или пак преку електронска пошта на contact@dsdskopje.mk“, пишува на нивната Фејсбук страна.

На официјалната интернет страница на ДСД „Скопје“ пишува дека студентската картичка може да им користи на студентите за да ги плаќаат месечните трошоци за сместување, за набавување оброк од менза и попусти во бифе, а и за рециклирање на пластични шишиња по што се префрлаат парични средства.

Студентите за добивање на ваквата картичка уплатија по 300 денари уште при вселувањето во октомври годинава и оттогаш како што изјавија, немале информации за тоа кога ќе им биде издадена. Во ноември директорот на ДСД „Скопје“, Виктор Велевски за Радио МОФ изјави дека картичките се во завршна фаза и наскоро ќе бидат готови за издавање.