Студентите утре излегуваат на марш за слобода

Студентскиот пленум организира марш во недела (17 мај), со почеток во 13 часот од платото на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Студентскиот марш за слобода, како што посочуваат од Пленумот, треба да покаже дека нивните дејствувања и ставови се непоколебливи, натпартсики и дека тие не застанале во борбата за исполнување на студентските барања и потреби.

„Студентскиот пленум не застана во борбата за исполнување на студентските барања и потреби. Перцепцијата дека во оваа држава студентските барања би биле слушнати во најмала рака е наивна. Ни треба плодна почва за да можеме да ги изреализираме студентските барања и за воопшто да можеме да се надеваме дека некогаш студентите во оваа држава ќе бидат задоволени.

Владата се осмели да ни застане на патот, да нè спречи во нашата борба преку покажување на сила врз нас, а воедно и да уапси наши колеги само затоа што го користеа своето уставно загарантирано право на протест и искажување на својот став.

Затоа, студентите ќе потврдат дека студентската сила е непобедлива и студентскиот дух непокорлив. Студентскиот интелект е моќ која ниедна влада не сака да ја има против себе. Недемократскиот, нетранспарентниот и одвратниот однос со кој секојдневно се соочуваме нè натера да се насочиме кон подобрување на општеството и проширување на борбата на Студентскиот пленум. Склопот на информираност, интелект, аналитика, време, енергија, дух и искреност е нешто со што ќе треба да се соочи Владата на Република Македонија.

Студентски пленум ве повикува повторно на студентски марш за уште еднаш да покажеме дека нашите дејствувања и ставови се непоколебливи, натпартиски и секогаш на страна на студентите. Ве повикуваме сите заедно да се одважиме и да создадеме плодна почва од која ќе можеме да ги воспоставиме вистинските вредности во едно општество и вистинските плодови потребни за едно квалитетно високо образование“, се вели во нивното соопштение.