Студентите студираат онлајн, ама немаат онлајн литература

Затворањето на факултетите и онлајн наставата, само дополнително го потенцираше проблемот со недостиг на онлајн литаратура која им е достапна на студентите. Студентите од Драмскиот факултет во Скопје, се меѓу најзасегнатите од овој проблем.

Како што појаснува Петар Антевски, претседател на Факултетско студентско собрание на Факултетот за драмски уметности, недостапноста до онлајн литература значително го намалува квалитетот на образовниот процес, а и вербата дека Универзитетот се грижи да овозможи соодветни услови за пристап до литература.

„Голем број од стручната литература и драмските дела, особено македонските драмски текстови е речиси невозможно да се најдат на било која од електронските датабази. Ваквиот тип на литература се основа за совладување на материјалот и развојот на академската дискусија во однос на делата“, вели тој.

Дополнителен проблем кој се јави за студентите, беше и затворањето на библиотеките поради појавата на новиот коронавирус. Сепак, како што потенцира Антевски, делата кои им се потребни на студентите од неговиот факултет честопати ги нема достапни ниту во печатена верзија или, ако биле испечатени во минатото, нема нови изданија.

„Дополнително, интересот да се преведува и издава стручна литература од полето на драмската уметност е исто така мал, веројатно поради исплатливоста, за што студентите се приморани да учат од англиски и/или српско-хрватски изданија“, додава тој.

Тој посочува дека во рамки на УКИМ функционира Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, која има нефункционална веб страница, и од каде нема никаква инцијатива за да помогне во снабдувањето материјали за професорите и студентите.

Во моментов, кога нема друга можност освен онлајн наставата, сите надежи се положуваат во професорите.

„Професорите максимално се трудат да овозможат пристап до потребната литература користејќи ги своите лични библиотеки и материјали кои ги собирале во текот на нивната академска кариера. Од библиотеката на факултет добиваме скенирани материјали кои ни се потребни за тековната недела што може да се каже дека библиотеката сепак функционира на некој начин онлајн. Без вложениот труд од страна на професорскиот кадар, оставени сами на себе без поддршка од Универзитетот да ги намалат штетите од недостапност на онлајн литература, неизбежно овој семестар ќе направеше многу поголема штета врз квалитетот на наставата и знаењето на студентите“, вели Антевски.

Ејуп Ќазими, претседател на Комисијата за настава при Универзитетското студентско собрание на УКИМ исто така реагира на проблемот со немањето онлајн литература.

„Ова е проблем на УКИМ кој се провлекува одамна, но сега е време кога треба да се увиди што им е потребно на студентите“, дециден е тој.

Ќазими студира на Правниот факултет. Вели дека сега сè е сведено на свесноста на професорите, кои се трудат да им помогнат на студентите.

„Искрено, доста професори ни излегоа во пресрет и пуштаа материјали и литература. Ние одамна го отворивме овој проблем со достапноста на онлајн литературата и формирањето е-библиотека. Професорите се доста отворени за да помогнат и да ни испратат на мејл. Ние имаме проблем со законите, на пример, ама помагаат преку испраќање онлајн верзија“, раскажува тој.

Излез од ситуацијата на долг рок тој гледа единствено во отворање електронски библиотеки за секој факултет. Но, од искуството, и тоа нема да оди лесно.

„Кога го отворивме овој проблем, за формирање е-библиотека наидовме на разбирање од професорите и деканатот, ама проблем беа издавачките куќи. Доста професори имаат договори со издавачки куќи, а не со факултетот. И тоа е најголем проблем, не само на Правен, туку на сите факултети. На долг рок решението е онлајн библиотеки, за што треба да се надмине проблемот со издавачките куќи. На краток рок единствено би можеле да потегнат професорите, да ни ги испраќаат на студентите материјалите, кои би ни биле потребни. На краток рок, не гледам друго решение“, вели Ќазими.

Антевски од Драмски пак бара УКИМ да преземе одговорност за состојбата.

„Конечно е време УКИМ да преземе одговорност во однос на својата библиотечна дејност и да им помогне на факултетите со инвестирање во создавањето на онлајн библиотека од својот книжен фонд која ќе биде достапна за сите студенти на Универзитетот следејќи ги примерите на останатите универзитети ширум светот кои веќе со години овозможуваат пристап до онлајн литература за своите студенти. Оваа ситуација укажува на фактот дека најстариот универзитет во нашата земја е далеку од овозможување на современа настава за своите студенти како и оптимизирање на условите за професорите да се прилагодат на современите текови во високото образование“,  вели Антевски.

Ј.Ј.