[Трибина] Студентите се недоволно информирани за своите права

Со цел да се информираат студентите за нивните права денеска на Правниот факултет се одржа трибинатата „Студенту ти имаш право да знаеш!“, организирана на Националниот ден на македонските студенти. Се дискутираше за многу прашања, од тоа што е универзитет, кој има право на бесплатно образование, па се до вчерашниот студентски марш.

Иако во мал број, присутните студенти како најзасегнати не ги штедеа прашањата кон претставниците од Државниот просветен инспекторат,  Младинскиот образовен форум и студентскиот правобранител.

Инспекторот Ѓорѓи Илиевски од Државниот просветен инспекторат ги повика студентите да се информираат за своите права и писмено да ги поднесуваат своите барања до надлежните. На трибината тој забележа и дека студентите не ја користат онаа можност која им се пружа за да се организираат.

„Ја имате подлогата, ја имате и нашата поддршка, но не знам зошто не се организирате. Мора да бидете сплотени и да работите сите заедно, без разлика дали сте дел од Студентскиот парламент или од Младинскиот образовен форум“, истакна Илиевски на трибината.

Запрашана за став околу предлогот за воведување државен испит за студентите и за вчерашниот марш, студентската правобранителка Васка Бојаџи одговори дека се залага за институционално решавање на проблемите.

Одговарајќи на прашање, таа додаде дека во моментот нема ниту предлог-закон, па според неа, во наредниот период ќе се отвори терен за институционално дејствување.

Кристина Митрева од МОФ појасни дека целта на трибината е да се информираат студентите за механизмите за остварување на нивните права. Говорниците на трибината генерално го делеа истото мислење дека студентите треба да се разбудат од апатијата и да пријавуваат корупција или неправилности во високото образование – особено кога се работи за прекршување нивните права.

За време на трибината беше промовирана и брошурата „Студенту, ти имаш право да знаеш“ во која се наведуваат правата на студентите загарантирани со Статутот на Универзитетот. Иато така и низ практичните примери од работата на Државниот просветен инспекторат и Младинскиот образовен форум, оваа брошура ги информира студентите за механизмите за остварување на нивните права.

Дамјан Коложег