Студентите пред Влада: Доста ни е , ние не сме на продажба!

„Сакавме да живееме во држава која е демократска. Сакавме да имаме институции кои нема да креираат политики зад затворена врата. Сакавме да имаме институции пред кои ќе можеме да ги адресираме нашите барања. Сакавме еднакви можности, сакавме иднина дома. Сакавме, но не добивме. Што добивме од потрагата и голата борба за власт? Затворени институции, партизирана држава и колеги , другари и роднини кои ги испраќавме на аеродром со билет во еден правец. Вака ли вие драги политичари ја креиравте иднината за Македонија, земја без младина, земја на родители кои децата си ги испраќаат во туѓина“, рече во своето обраќање на денешниот протест пред Владата, Христијан Поп Симонов од Студентскиот пленум.

Тој посочи дека иако целата негова генерација е осакатена од постојаната транзиција, силно верува дека студентите ќе им одолеат на обидите за поделба.

„Јас сум убеден дека мојата генерација веќе ги постави темелите на мултиетничкото општество. Јас сум убеден дека мојата генерација никогаш нема да дозволи нова војна. Затоа што мојата генерација верува во моќта на заедништвото, верува во демократијата, слободата и затоа ние сме најотпорни и конзистентни во борбата за нашите идеали.

Драги политичари, вие ни го одземате правото на мислење, правото на вредности и на став. Ако кажам едно нешто сум ДПМНЕ, ако кажам друго сум СДСМ. Студентите не можат да ги остварат своитте права и слободи и права и не можат слободно да се изразат. Дури и кога седнавте со вас на маса, од Владата, вие размислувавте како да не изиграте, а не како да не разберете.

Е затоа сме тука денеска, за да ви кажеме дека ни е доста , за да ви кажеме дека не сме на продажба за таблети, за десет посто повисока стипендија, а живееме во студентски домови кои личат на средновековни затвори.  Нашата цена е повисока –цената е прво квалитетен образовен систем, второ  демократски систем, трето транспарентен систем, четврто еднаква правда за сите“, истакна Поп Симонов кој на сите им порача дека никогаш повеќе не треба да се повтори студенти и средношколци да ги учат возрасните на тоа што е тоа демократија.