Студентите пред „Гоце“: Ја почнуваме борбата за подобри услови во студентскиот дом

Од студентски дом со висок стандард во светски размери, до мизерни услови за студентите кои престојуваат во него, архитектот на „Гоце“ Георги Константиновски, забележа дека денес домот не личи на ништо, за време на дискусијата организирана од Студентски пленум.

Тој заедно со собраните студенти, во тревникот позади студентскиот дом, ја проследија проекцијата на филмот „Зелени ѕидови, црна храна“, на Сандра Ѓоргиева, студентка на Филмска и ТВ монтажа при Факултетот за драмски уметности и која две години живеела во овој дом. Во филмот, станари на домот анонимно раскажуваат за лошите услови и недостигот на основни потреби за опстанок.

Константиновски потсети дека условите не биле отсекогаш мизерни. Тој раскажа дека првите генерации што живееле во студентскиот дом, имале можност да живеат во еден од најдобрите студентски домови во светот, во тоа време. Меѓутоа, упати апел до државата да помогне во реновирањето на домот.

„Јас мислам дека единствено што може да помогне тука е државата. Јас сум задоволен од онаа зграда што е обновена и камо среќа да се продолжи на тој принцип и другите блокови да се корегираат е тогаш студентите ќе бидат задоволни, а и Република Македонија ќе биде горда“, изјави Константиновски, додавајќи дека голем дел од идеите за проектот, се уште не се реализирани.

Многу тајни за малите соби – како се градеше студентскиот дом „Гоце Делчев“?

Ѓоргиева пак, вели дека кога првпат се соочила со проблемите во студентскиот дом, најмногу гнев почувствувала од фактот што самите студенти се пасивни и дозволуваат да живеат во мизерни услови.

„Не лутете се ако во филмот студентите се прикажи целосно пасивни. Точно е дека имаше многу протести и окупации за кои сум среќна и во кои учествував самата. Но, протести за домовите немало досега. Лута и гневна бев поради тоа што кога одевме од врата до врата, молевме некој да даде изјава за во филмот. Сите буквално ни ја затвораа вратата пред нос. Едвај најдовме студенти кои ќе зборуваат под услов дека ќе им се закрие идентитетот. Одев по спратовите и лепев за протестите и окупацијата и некој одеше по нас и ги одлепуваше“, се обрати Ѓоргиевска пред нејзините колеги.

Таа, исто така побара да се вложат пари за студентскиот дом. Меѓудругото, нагласи дека ваквата слика е актуелна во речиси сите студентски домови во државата.

„Сите зборуваа за адаптација, а никој за обид за промена. Чувствував гнев во себе, секогаш кога ќе требаше да чекам ред за храна, а дочекував ладен ориз. Кога ми паднаа пред мене сталажите за чинии и чаши над лабавото, поради секогаш влажниот ѕид. Кога пред мене вадеа дете заглавено во лифт и не знаеш во кој момент ќе се откачи лифтот и ќе бидеш сведок на огромна трагедија. Кога ќе избие пожар и ќе налеташ на некои од извадените и пресечени кабли низ ходниците. Дали ќе те фатат со греалка во соба и ќе те казнат, а ти си морал да ја донесеш бидејќи невозможно е да се преживее зимата само со парното во соба.

Кога ме прашуваа каде живееш, се срамев како јас да сум ја сторила оваа штета, а не сум јас, дури сум си ја подобрила собата. Ја обелив, ја исчистив. Знаете дека постои случај каде студентот си оди од домот и му наплаќаат сто евра казна, бидејќи си ја реновирал собата и не ја вратил во истата состојба, а тој самиот ја подобрил?“, рече Ѓоргиева.

Ѓоргиева: Мизеријата во филмот за „Гоце“ е слика за сите студентски домови во Македонија

Веднаш по проекцијата и обраќањата на Константиновски и Ѓоргиева, со познатите извици „Нема правда нема мир“, „Доста беше молк“ и „Дојди и приклучи се“, студентите се упатија кон дворот на студентскиот дом, со цел да ги разбудат нивните колеги од пасивноста прикажана на филмот. Тие испратија порака до студентите кои не излегоа дека допрва почнува борбата за подобрување на условите во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ поттикна многу дебати, а студентите добија многу ветувања. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ , стои дека до 2016 година целиот студентски дом треба да биде комплетно саниран. На три месеци до крајот на годината е реновиран само блокот „Б“. Тој беше саниран откако во 2013 година избувна пожар во кој беа оштетени неколку соби.  Најава за комплетно реновирање на „Гоце“ уште пред две години дојдоа и од премиерот Никола Груевски, кој ветуваше дека тоа ќе се случи уште минатиот септември. Ветување има и за изградба на нов студентски дом „Медицинар“, кој ќе се гради на местото на постоечките бараки. Изградбата на идниот сместувачки капацитет за студентите од внатрешноста требаше да започне кон крајот на 2013 година или на почетокот од 2014 година, но бараките на „Медицинар“ се уште се нефункционални.

Е.П.