Студентите побараа бесплатен културен центар во рамки на универзитетот

Македонското образование од самиот почеток ја убива креативноста кај младите, сметаат студенти кои синоќа беа дел од дискусијата на Филозофскиот факултет, на која се зборуваше за проблемите со кои се соочуваат младите во земјата. На дискусијата организирана од студентската иницијатива „Отворен куфер“, присутните потсетија дека младите се принудени да одберат професија што ќе ги задоволи само нивните материјални потреби. Токму поради тоа, студентите имаат потреба од културен центар каде ќе си ја повратат младоста, која како што велат, системот им ја одзел.

„Најмногу ни смета комерцијализацијата на образованието, ‘штампање’ на дипломи и недостатокот на простор каде студентите слободно ќе се изразат. Со овие настани сакаме да покажеме дека всушност има огромен потенцијал кај студентите, но немаме можност каде тоа да го оствариме“, рече Ана Тодоровска од „Отворен куфер“.

Од „Отворен куфер“ побараа универзитетот да одвои простор каде што студентите ќе можат слободно да творат, да креираат и дополнително да се образуваат, бесплатно.

Во дискусијата за проблемите на младите беше посочено дека студентите се соочуваат со истите долгогодишни проблеми, кои пак го поттикнаа настанувањето на Студентски пленум, пред една година.

„Еден од нив се катастрофалните услови во студентските домови, за кои не можеме да бидеме излажани дека со реконструкција на еден од четирите блока, на еден од многуте студентски домови во државата, се постигнал некаков напредок. Тој напредок ќе биде тука кога ќе имаме повеќе студентски домови каде што бројот на легла ќе биде приближен на оној на студенти, а второ ќе се обезбедат основни човечки услови. Потоа, сите плаќања на факултет, па и самиот Болоњски систем кој сметаме дека ја задушува критичката мисла и го негира самото постоење на образованието“, посочи Давид Стефановски од студентската организација „Мугра“.

Студентите сметаат дека во иднина е потребно поголемо освестување на младите, откако минатата година Пленумот ја реафирмира важноста на универзитетот.
Е.П.