Студентите по информатика брзо наоѓаат работа и во Македонија и во странство

Изминатите години студентите по информатички науки и технологија немаат проблем да најдат работа во Македонија. Оние поквалитетните добиваат плати што се неколкупати поголеми од македонскиот просек, вели Димитар Трајанов, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во интервју за Нова Македонија.

ФИНКИ

Сепак, посочува деканот Трајанов, заминувањето во странство за многумина од студентите останува предизвик.

„Во изминативе неколку години барем за нашите студенти не пости проблем да најдат работа во Македонија. Оние поквалитетните добиваат плати што се неколкупати поголеми од македонскиот просек. Но, сепак, не може да се каже дека нашите студенти не одат да работат и во странство. Според нашите анализи, во најголем број од случаите се работи за прифаќање на предизвикот да се работи во некоја од најголемите ИТ-компании, па така имаме наши студенти што работат во „Епл“, „Мајкрософт“, „Гугл“, вели деканот.

Според него, нашата ИТ-индустрија во континуитет го надминува развојното темпо на целокупната економија и полека станува движечка сила за развој, иновации и конкурентност, а околу 80 отсто од ИТ-производите и услугите се извезуваат. Ова, вели Трајанов, е директен показател за квалитетот на нашите ИТ-кадри.