Студентите од „Пелагонија“ добија нов простор за учење и дружење

Денеска, на 17 октомври 2020 година Младински образовен форум во соработка со Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор МЕЛЕЕМ Скопје во рамки на проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ поддржан од Фондацијата Отворено општество ја постави првата мала просторна интервенција во студентскиот дом „Пелагонија“ – Скопје.

Идејата за оваа мала просторна интервенција произлезе од Работилницата за мали просторни интервенции во студентските домови која се одржа во февруари а во која учествуваа студенти по архитектура од целата држава, меѓу кои и студенти – станари во студентскиот дом „Пелагонија“. Со неа, се збогатува и оплеменува просторот во кој ќе престојуваат студентите и се создава дополнителен простор во кој студентите, на отворено, ќе можат да го поминуваат своето време.

„Имајќи ги предвид супстандардните услови во кои престојуваат студентите во студентските домови, оваа просторна интервенција претставува мало поместување во насока на подобрување на инфраструктурата на домовите. Преку оваа мала просторна интервенција сакаме да ги поттикнеме државните институции да обрнат повеќе внимание на состојбата во студентските домови а и дополнително да ги поттикнеме студентите да бидат поактивни во рамки на нивната заедница“, изјави Петар Барлаковски, програмски координатор во МОФ.

Оваа мала просторна интервенција е прва од низата просторни интервенции во државните студентските домови „Пелагонија“ – Скопје, „Кочо Рацин“ – Битола и „Браќа Миладиновци“ – Штип. Во текот на месец октомври ќе се реализираат уште две просторни интервенции во домовите „Кочо Рацин“ и „Браќа Миладиновци“.

„Целта на оваа активност е да се внесат нови содржини во отворените и заборавени простори во самиот студентски дом. Во заедничка комуникација и реализација на овој проект со студентите се отворија и други прашања и проблеми, или предизвици кои се игнорирани во секојдневието. Малите просторни интервенции се доказ дека овие интервенции можат да бидат двигател на многу општествени промени. За крај, интервенцијата останува на грижата на самите студенти со што се создава чувство на припаѓање и одговорност кон нивниот дом “ , изјави Сара Симоска, претседателка на МЕЛЕЕМ, партнерска организација која работи на проектот.

Инаку, тренер и ментор на оваа мала просторна интервенција беше Сара Симоска а тимот кој работеше на идејата беше составен од студентите : Иво Лазароски, Тамара Џерков, Сенад Дослјак, Емилија Ѓорѓиоска, Ангела Таневска и Љупка Коцева.

Проектот „Ангажирни студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ се спроведува од ноември 2019 до декември 2020. Примарната цел на проектот е поттикнување на институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување на други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.