Студентите од индустриски дизајн сакаат знаењето да го пренесат на домашниот пазар

Холот на Машинскиот факултет синоќа беше исполнет со дизајните на студентите од насоката индустриски дизајн и бројните посетители. Присутните можеа да видат од 3Д модели кои служат како одличен моден детаљ во домот, до уреди кои го поедноставуваат транспортот и секојдневните обврски на луѓето.

Студентите од оваа насока секоја година одржуваат изложба на која ги изложуваат своите производи на кои работеле претходната учебна година. Овој пат, во координација со професорите организираа изложба на која можеше да се види дел од нивните замисли за чија изработка употребиле строго еколошки материјали.

Според професорката Татјана Кандикјан, интересот за учество на оваа изложба се зголемува секоја година, а со тоа и желбата, како и способноста кај студентите.

Студентите со своите дела се обидуваат да решат низа проблеми на денешнината како што се еко производи, користење на отпадот во нов производ, правење производи од еден материјал, осветлување, производи за домот и сетоа тоа преработено низ нивната младешка фантазија“, вели професорката Кандикјан.

„Проблемите на денешнината ги погодуваат и младите кај нас. Треба да се реши едноставниот транспорт, потоа рециклирање на отпадот и низа други аспекти коишто ни го прават животот почист и поздрав ,и се разбира подобар“, додава професорката.

Таа вели дека токму комбинацијата од креативност и технологија ја прави оваа струка привлечна за голем број на студенти секоја година.

„Релативно лесно наоѓаат вработување, дури и во фирмите каде што се бара работно искуство, кога ќе ги покажат проектите што ги сработиле во текот на своите студии, портфолиото, имаме случаи каде тоа им го признаваат како работно искуство, така што иако им е прво вработување успеваат да добијат места на конкурс“, вели Кандикјан.

Професорката смета дека пазарот има место за сите овие капацитети ,бидејќи, како што вели, студентите имаат спој од компјутерски вештини, познавање на технологиите, производствени знаења и креативност, она што фирмите го бараат.

Оптимисти за својата иднина како индустриски дизајнери се и студентите Ана Здравковска и Петар Аврамовски со кои разговаравме за време на изложбата. Тие со задоволство раскажуваа за начинот на кој го изработиле своето дело и процесот низ кој поминале за да добијат финален производ.

Секој проект требаше да се направи во рок од две недели, без да се земе предвид дизајнирањето, бидејќи тоа е поделикатна работа. Во текот на тие две недели ние одевме по фирми за да се изработат металните и дрвените делови“, вели Здравкова за Радио МОФ и додава дека дел од материјалите им бил обезбеден од факултетот.

Петар Аврамовски пак појаснува дека индустрискиот дизајн е во развој, односно самиот пазар и потрошувачи бараат нешто поуникатно и нешто што може да ги задоволи нивните лични потреби. Токму овде тој ја гледа иднината на индустриските дизајнери.

„Мислам дека се отвораат можности, бидејќи се повеќе фирми кои се занимаваат со производство, се заинтересирани или веќе се во имплементација на развивање на позицијата индустриски дизајнер во нивниот персонал. Се надевам дека ќе се отворат можности тука за нашето знаење да го пренесеме на овој пазар и да придонесеме со поинтересен стил“, подвлече Аврамовски.

Изложбата за посетителите ќе биде отворена и денеска.

Емилија Петреска