Студентите на ДУТ во Скопје вчера протестираа пред просториите на Универзитетот. Причина е затворањето на студиските програми на Факултетот за природно-математички науки и таксата од 100 денари за Студентскиот парламент, објави телевизија Алсат.
Студентите бараат студиите да ги продолжат во Скопје и да се распишат избори за претседател на Студентскиот парламент, бидејќи сегашниот претседател е назначен, а не избран.
Според нив, префрлањето во Тетово е неправедно поради тоа што се прави во третата година од нивното студирање, иако се запишале на студии во Скопје, а се жалат и дека немаат поддршка ниту од Студентскиот парламент, кој го плаќаат.
„Причина е тоа што Универзитетот бара еден услов, а тоа е да бидат над 15 студенти во секоја студиска година. Ова се егзактни науки. Во прва година сме запишани некаде околу 40 студенти и нормално е во четврта година да има 10 студенти. Имаме докази дека во Тетово функционираат групи со помалку од 10 студенти, особено на Факултетот за ПМН, трета и четврта година. Друг проблем за нас е и таксата од 100 денари и други случаи поврзани со корупција“, се жалат студентите во изјава за Алсат.
Од ректоратот на ДУТ велат дека одлуката на прекинување на студиските програми за насоките во кои има помалку од 15 студенти е донесена од Сенатот. За студентската партиципација пак велат дека не претставува никаква новина, и се прави за студентите да ги реализираат своите активности како членување во студентски организации во земјава, регионот и странство.
Извор: Алсат