Студентите од Битолскиот универзитет ќе разговараат со ректорот за државниот испит

Битолскиот Студентски пленум во понеделник ќе го достави своето мислење за воведувањето на државниот испит до ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во писмена форма. Ова било договорено на средбата, која веднаш по одржувањето на протестниот марш, претставници на Пленумот ја одржаа со ректорот на битолскиот Универзитет, Златко Жоглев, јавува Нова.

„Бевме примени од раководството на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и од ректорот Златко Жоглев. Разговорите беа коректни. Се договоривме во понеделник да го доставиме нашето мислење за намерата на Министерството за образование да воведе екстерно тестирање, односно државен испит. Истовремено, побаравме Универзитетот да заземе официјален став по ова прашање“, вели Борис Николевски од битолскиот Студентски пленум.

Николевски вели дека завчерашниот протестен марш поминал без ниту еден инцидент и го искажа задоволството од големиот одѕив на битолските студенти и средношколци. Иако во скромен број, гласот против воведувањето го кренаа и прилепските студенти.

„Бројката можеше да биде поголема, но во повеќе средни училишта беа заклучени вратите, со што средношколците беа спречени да дојдат на маршот. Но затоа ја добивме поддршката на поранешни студенти и на други граѓани на Прилеп, кои ценат дека сме во право што сме одлучиле да излеземе на марш“, вели студентот на Економскиот факултет во Прилеп, Ѓорче Мечкароски.

„Нашите деца беа спречени да излезат на маршот и да го искажат своето незадоволство од намерата на Владата да воведе екстерно тестирање. Завчера им ги заклучија вратите во училиштата, ама следниот пат тоа нема да им успее. Величествениот марш кој се случи во Скопје е потврда дека студентите и средношколците не се плашат од заканите и дека се решени да истраат во своите барања. Јас им честитам на тоа и им ја давам мојата безрезервна поддршка“, вели Илија Трајкоски, родител на матурант во едно од прилепските средни училишта.