Студентите од Архитектонски факултет ќе предаваат за ГТЦ

Во рамките на кампањата „Излези за ГТЦ“, денеска со почеток во 18 часот студентите од Архитектонскиот факултет во Скопје ќе одржат прошетка и предавање низ Градскиот Трговски Центар (ГТЦ). Тие ќе зборуваат за културните и архитектонските вредности на објектот, неговиот историјат, но и други интересни факти врзани за него.

„Преку прошетка и демонстрација на автентични фотографии и други материјали, студентите ќе го доловат духот и значењето на Градскиот Трговски Центар додека пак преку интерактивна презентација ќе ја аргументираат важноста од зачувување на автентичноста на неговиот изглед“, велат организаторите.

Прошетката ќе започне на платото во ГТЦ од страната на Жена Парк.

Ова е дел од кампањата која официјално започна во понеделникот и има за цел преку низа настани да ги поттикне жителите на општина Центар да излезат и да гласаат на референдумското изјаснување за зачувување на автентичниот лик на ГТЦ, на 26 април.