Студентите од Албанија маршираа до парламентот на 17-тиот ден протести

Илјадници студенти од Албанија и денеска ја бојкотираа наставата и ги продолжија демонстрациите со кои бараат поголем квалитет и искоренување на корупцијата од високото образование кои траат веќе 17 дена.

Протестот започна нешто пред 9 часот со марш до парламентот во Тирана, каде требаше да се расправа за државниот буџет за следната година, но откако седницата беше одложена, младите продолжија со својот собир пред канцелариите на премиерот Еди Рама.

Студентите одржуваа говори и ги повторија 8-те барања до владата: зголемување на буџетот за образование и поголема транспарентност, зголемено учество на студентите во изборите на декани и ректори и во управите на факултетите и универзитетите, ревизија на академскиот кадар и проверка на докторатите од плагијати, студентска картичка за сите студенти, изградба на библиотеки и бесплатни онлајн книжарници и евалуација на квалитетот на наставниот процес.

Според телевизијата Топ Чанел, за да се исполнат сите барања на студентите, би требало да се издвојат околу 280 милиони евра од буџетот.

Студентите, кои одбиваат да преговараат со владата, најавија дека доколку не бидат исполнети овие барања ќе ги продолжат протестите и во јануари. На младите им се приклучија и граѓани од други протестни иницијативи.

Протестот пред парламентот доаѓа во период кога премиерот Рама покрена дискусии со професори и студенти за реформите во образованието.