Студентите очекуваат уште поголема масовност на утрешниот марш

Студентите кои се дел од иницијативата „Студентски пленум“ денеска ја најавија маршутата за утрешниот студентски марш и изјавија дека очекуваат поголема масовност од претходниот марш.

Маршот ќе започне во 12 часот пред платото на УКИМ, каде се повикани сите граѓани и професори кои се против воведувањето на државниот испит во високото образование да им се придружат на студентите.

„Очекуваме масовност бидејќи сметаме дека во оваа земја има многу засегнати граѓани кои се грижат за квалитетот на високото образование. Очекуваме да ни се придружат и студенти од другите градови, како и средношколците зашто оваа мерка најмногу нив ги засега“, изјави студентката Ана Кнежевиќ.

Маршот од платото на УКИМ, ќе се упати пред Собранието, а потоа ќе заврши пред Владата на Република Македонија.

Студентите повикаа на мирен марш и побараа одговорност од сите присутни, да се воздржат од предизвикување на насилство или провокации. Апелираа присутните да не носат никакви национални или партиски симболи, бидејќи нивната цел е надпартиска и наднационална.

„Продолжуваме да се оградуваме од секакви партиски влијанија, оваа иницијатива е чисто студентска и сите сме тука како студенти без разлика кој во која организација, партија, религија, етнос припаѓа“, рече студентот Филип Манев.

Студентите повторија дека тие сакаат да дебатираат со министерот Абдилаќим Адеми, бидејќи сметаат дека воопшто не се контактирани и консултирани за најавената реформа.

Министерот Адеми денеска изјави дека на вчерашната владина седница не успеале да дискутираат за предлогот заради големиот број на точки, но тој се надева дека деновиве ќе има продолжение на седницата и таму ќе се дискутира за предлогот за воведување државен испит.

„Ние сме одлучни да воведеме механизми за контрола на квалитетот на високото образование. Ги разбирам студентите, но ќе повторам, се уште немаме утврдено ни модел, ни концепт за државниот испит, кога ќе го утврдиме секако дека ќе го дебатираме со нив“, рече Адеми.

Иако неколку медиуми објавија дека врз студентите и средношколците веќе започнале да се вршат притисоци и закани за да не излезат на утрешниот марш, министерот рече дека нема такви информации.

„Не би требало да има такви притисоци, Македонија е демократска држава, секој има право да протестира. Но ќе повторам, не знам зошто се протестира, кога уште немаме концепт и модел, прво треба да седнеме и да ги видиме аргументите“, рече Адеми.

Студентски пленум – Битола за утре исто така најави студентски марш против најавата за воведување државен испит, кој ќе започне пред зградата на Техничкиот факултет во Битола, а ќе заврши пред зградата на Ректоратот на УКЛО. Студентите и средношколците од Прилеп за утре исто така најавија протести против воведувањето државен испит.

K.O.