Мал интерес за стипендија на најреномираните светски универзитети

damir1Интересот за проектот на Владата за добивање на стипендија за студирање на најреномираните светски универзитети  е поразителен. Досега на конкурсот за академската 2013/2014 за студирање на првите сто рангирани универзитети и првите двеста рангирани универзитети од областа на техничките науки според ранг-листата од Институтот за високо образование при Шангајскиот Џио Тонг универзитет, не се пријавил никој, велат од Министерството за образование и наука за Радио МОФ.

Дека многу малку кандидати аплицирале за проектот на Владата  неодамна потврди и премиерот Никола Груевски, кој во емисијата на водителот Миленко Неделковски изјави дека минатата година шансата за стипендија ја искористиле само тринаесет студенти. Ваквиот незначителен интерес за студирање на реномираните универзитети според познавачите се должи на страв од дополнителни трошоци.

Izjava na Nikola Cuculovski, Amerikan koledz by Radio Mof on Mixcloud

„Во голема мера можеби не се навикнати на студирање надвор од државата и постои страв од она што значи докажување пред меѓународно признати професори. Тука е и неможноста да ги издржат до крај оние трошоци кои ги наложува престојот во странство“, смета Никола Цуцулески, координатор на Алумни од Американ Колеџ.

Според поранешниот министер за образование и наука, професорот Ненад Новковски, испраќањето во странство од првиот циклус студии е нерационално.

Nenad Novkovski za Radio MOF by Radio Mof on Mixcloud

„Смисла би имало за праќање на студенти онаму каде треба да се постигне повисоко ниво, во вториот и третиот циклус, каде веќе е остварена претходна селекција. Во овој случај излегува дека граѓаните се многу порационални отколку што е државата. Доделувањето на стипендии за прв циклус за студирање во други земји е една работа која е многу нерационална посебно во услови кога министерството за финансии во последните години врши рестрикции на суштински функции во системот како што се научно истражувачките проекти, кои сега се сведени речиси на нула“, вели Новковски.

Nenad Novkovski za Radio MOF – vtor del by Radio Mof on Mixcloud

Избраните кандидати кои ќе добијат стипендија имаат обврска за секоја година помината на студии во странство да работат две години во Македонија. Кандидатот ќе бидат ослободен од обврската да се врати во Македонија по завршувањето на студиите, само доколку во рок од три месеци од дипломирањето се вработи во компанија од Fortune top 500 листата во странство. Ако пак стипендистот одлучи по завршувањето на студиите да не се врати во земјата, потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износ три пати поголем од стипендијата, најдоцна во рок од една година од завршувањето на студиите.

Кристина Озимец