Студентите на новосадската Академија на уметности создадоа Театар на промени каде сами режираат и глумат

Студентите на новосадската Академија на уметности не можеле да чекаат некој да „им даде“ работа во театар, па создале свој. Кога завршуваат предавањата и вежбите на Академијата, тие одат на проби во Театарот на промени. Со ова се бават исклучиво од љубов, па не им е тешко ни тоа што често вежбаат преку ноќ. Целта е „да се создаде магија“.

„Театарот на промени постоел во првата половина од осумдесетите на нашата академија. Ние повторно го оживеавме минатата година, за да имаме каде да играме. Една од главните задачи е секоја година во него да се носат нови, млади студенти, за да не зависи од волјата на поединци и повторно да го снема“, вели Александра Мрѓен, студентка на драматургија и директорка на театарот.

Студентите редовно играат во Мултимедијалниот центар на Академијата на уметности, но често гостуваат низ Србија и регионот.

Претставата „Лизистрата или Да зборуваме малку за војната и мирот“ на фестивалот ФИСТ ја освоила наградата од публиката, како и неколку награди на Трема фестивалот во Рума.

Претставата „За што би го дале својот живот“ ја работеле во копродукција и со неа гостувале во Сараево, Зеница и Братислава, а „Буре барут“ на Дејан Дуковски им е претстава со најмногу изведби. Со неа гостувале и на фестивали во Романија и во Цетиње.

Секој студент во Промена го прави она за што учи – и актерите и режисерите и студентите на звук или светло, а студентите од ликовна уметност го осмислуваат визуелниот идентитет на претставите. Но, заедно прават и нешта за кои во другите театри има вработени за тоа, како местење на сцената, чистење пред и после претставата, и заедно ги делат трошоците доколку на гостувањата не им е платен патот. Во Нови Сад и Војводина се познати по големиот број на хуманитарните претстави кои ги организирале, особено за помош на болни деца.

„Во Промена се играат и испитни претстави кои после една изведба се заборавени, но и претстави кои се исклучиво наша продукција, како „Трета светска војна“. За мене магијата на театарот е и кога сами ги местиме столиците, сцената, и кога го бришеме подот. Кај нас постои само желбата за игра и создавање, а опкружени со ваква инертна култура, не гледам друг начин освен да направиме свој театар“, вели Аљоша Ѓидиќ, студент на глума, додавајќи дека салите секогаш им се полни.

Како што вели, доаѓањето во Промена во Нови Сад речиси станало мода и имаат редовна публика од сите генерации.

Студентите, освен стипендиите, за да го одржат својот театар работат дополнителни работи. Некои глумат во помали улоги, а други, како режисерот Никола Кончаревиќ, прават музички спотови.

„Состојбата во културата е депресивна, но ние се бориме против тоа, бидејќи сакаме да останеме овде и да се бавиме со она за што сме учеле. Проемна е склоп на некалена младост, неизвалкана и не знае уште што е тоа „глума за плата“, вели Кончаревиќ.