Студентите ќе маршираат за поддршка на средношколците во четврток

Студентите ќе маршираат во знак на поддршка за средношколците во четврток, соопштија од Студентски пленум на денешната прес-конференција. Маршот ќе започне во 12 часот пред платото на УКИМ, од каде студентите ќе се упатат кон Владата. Таму ќе се сретнат со средношколците, кои исто така, ќе започнат да маршираат во 12 часот, но од Фонтана-Градски парк. Од Владата, заедно ќе маршираат кон зградата на Министерството за образование и наука.

„Очигледно е дека Владата не може да научи од сопствените грешки. Потенцирам, дека ние не сме изолиран дел од образовниот систем, а не сме ни глуви ни слепи на работите кои се случуваат. Токму затоа студентите нема да бидат мирни кога постои неправда затоа и застануваат гордо и цврсто во поддршка  на нашите идни колеги, средношколците. Онака како што тие не поддржаа нас. Ве потсетуваме господине министре, дека се соочувате со најсплотените генерации кои не само си хи знаат своите права, туку ќе го урнат ѕидот на наметнати политики“, рече студентот Иван Домазетовски од Студентски пленум.

Студентите велат дека добро го познаваат игнорантскиот однос на надлежните, кои според нив, секојпат најстојуваат да бидат единствениот фактор кој ќе ги креаира политиките правејќи се глуви на аргументите кои ги нудат другите општествени чинители.

„Од овде и порачуваме на Владата конечно да ја напушти позицијата на сила како аргумент во дебатите и во креаирањето на политикики во образованието, но и надвор од него бидејќи креаирање политикии зад затворени врати ниту е одлика на сериозни политичари, ниту е во согласност со европските принципи на практикување демократија. Студентскиот пленум исто така, се сеќава како бервме етикетирани, шиканирани, стигматизирани и ставани во контекст на различни партиски активнсти исто како што сега им се прави на средношколците“, додаде Домазетовски.

Средношколците од самиот почеток бараат средба со министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на која ќе ги претстават нивните аргументи зошто е потребно да се врати стариот концепт на државна матура, да се укине задолжителното полагање математика на матура, како и да се повлече екстерното тестирање. Тие ги повикаа сите граѓани, родители, наставници и директори да им се приклучат на маршот во четврток.