Студентите до 29 година на додипломски студии ќе добијат ваучери за електронски уреди од 250 евра

Во текот на вчерашниот ден, Собранието со 84 гласа „за“ го усвои Законот за издавање вредносни ваучери од 250 евра (15.300 денари) за набавка на електронски помагала: лаптоп, таблет или персонален компјутер, за сите студенти до 29 години запишани на додипломски студии.

Според информациите на властите, за оваа намена од државниот буџет се издвоени 850 милиони денари, со што ќе бидат опфатени 55 илјади студенти. Право на ваучери ќе имаат редовните и вонредните студенти на додипломски студии кои имаат не повеќе од 29 години и кои ќе запишат семестар во учебната 2025/2026 година на државен или приватен факултет.

Студентите запишани во втор и трет циклус на студии немаат право на ваучер.

Инаку, ваучерите за студентите премиерот Христијан Мицкоски првпат ги најави во октомври 2024 година на отворената програма „100 дена Влада“ што се емитуваше на јавниот сервис, а во јуни изјави дека ваучерите за електронски уреди ќе бидат доделени од наредната академска година. Притоа, посочи дека процедурата е отпочната во рамките на Владата, односно во Генералниот секретаријат.

„Се дефинираат критериумите и нормално е дека чекаме да отпочне новата студентска година затоа што еден од критериумите е да студентите имаат заверен семестар. И ги чекаме овие бруцоши коишто сега ќе се запишат за да го заверат семестарот и да може да ги добијат тие 250 евра помош од државата за купување на електронски уреди. Така што веќе во септември месец, јас сум сигурен дека тоа ќе се случи“, рече Мицкоски.

Мицкоски: 250 евра за студентите за набавка на електронски уреди од септември

Граѓанските организации што го анализираа едногодишниот мандат на Владата, неодамна критикуваа дека оваа мерка досега не е исполнета, иако беше ставена како клучно ветување. Воедно, Владата за младите вети и дека 500 студенти со највисок успех ќе добијат понуда за работа во приватниот и во јавниот сектор. Потоа, секој студент ќе добие можност да работи на скратено работно време, истовремено 10 милиони евра ќе бидат насочени кон претприемнички иницијативи за младинското вработување, ќе има М-апликација за попусти по музеи, театри и јавен превоз, а за младите ќе се релизираат и 5.000 обуки за дигитални вештини.

[Мегафон] Една година мандат на Владата – многу зборови, ама малку мерки за младите