Студентите биолози повикуваат на здрав разум и зачувување на паркот Галичица

Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ), младинска истражувачка организација која се
занимава со едукација и го истражува биодиверзитетот во земјава, побара здрав разум од надлежните и зачувување на Националниот парк Галичица.

Во писмото испратено до НП Галичица, од ИДСБ посочуваат дека се загрижени поради предвидените мерки и проекти од новиот План за управување на Паркот како градење скијачки центар Галичица, експресен пат Охрид-Пештани-граница со Р.Албанија кој ја сече планината, но и најавите за три нови Туристичко-развојни зони (ТРЗ) на територијата на паркот.

„Чуствувајќи повик од нашата професија, би сакале да напоменеме дека природните богатства се
есенцијалности за еден национален парк и нивната заштита треба да биде главен критериум секогаш,
без оглед на политичката, економската или социјалната состојба. Покрај мислењата на експертите
сведени во студијата, мора да бидеме свесни дека голем број од планираните промени врз
територијата на Паркот се иреверзлибилни и постојат големи шанси тие засекогаш да го променат
пејсажот и состојбата на бидиверзитетот по кој Галичица е позната и со векови истражувана.
Состојбата на националните паркови е прашање со национално значење. Независно од донесените
заклучоци и анализи изградбата на овие големи проекти директно го загрозува и самиот статус на
поголемиот дел на подрачјата што се наоѓаат под различна заштита на директен или индиректен
начин“, стои во писмото.

НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ ФОРМИРААТ ФРОНТ ПРОТИВ НАЈАВЕНИТЕ ПРОЕКТИ НА ГАЛИЧИЦА

Студентите биолози апелираат наместо дневно-политичките случувавања фокусот да се насочи кон судбината и понатамошната состојба на Паркот. Исто така предлагаат, наместо нови и нецелосно поддражани планови и проекти, да се посвети поголемо внимание на подобрување на состојбата на паркот, неговиот изглед и унапредување на Службата што се грижи за него.

„Соработката помеѓу НП Галичица и ИДСБ е пријателска и професионална и сакаме таа да продолжи и
да се разивава и понатаму, но за тоа е потребен стабилен и заштитен Национален Парк“, се додава во писмото.