Студентите би им дале отказ на професорите поради мито

Студентите поради мито би им дале отказ на професоритеПроектот „За поодговорни универзитети во Србија“ го реализираше Белградската отворена школа во соработка со центарот „Улоф Палме“ од Шведска. Идејата на проектот беше, со оглед на големите проблеми во функционирањето на високото образование во Србија, да се укаже на нив, но и да се понудат можни решенија.

Дел од проектот е и истражување за перцепцијата на корупцијата. Ако корупцијата во поширока смисла ја дефинираме како промена на постоечките правила на однесување заради стекнување лична корист, а личната корист не ја сведеме само на материјалното, тогаш голем број злоупотреби во високото образование може да се наречат корупција. Меѓутоа, ако се држиме до законската дефиниција на корупцијата, таа се сведува само на давање и примање мито.

Корупцијата е како двонасочна улица, во неа се вклучени студентите и професорите, иако наодите од нашето истражување покажуваат дека често се користат услугите на посредници кои учествуваат во самиот чин на подмитување. Студентот кој сака да положи испит со давање пари или некоја услуга, нема да му се обрати на самиот професор, иако меѓу студентите кружат приказни дека главно се знае кој од нив може и сака такво нешто да направи. Сепак, по правило се појавува посредник кој вели: јас можам да го решам твојот проблем за одредена услуга или сума пари.

Истражувањето на корупцијата е методолошки многу компликувано, затоа што станува збор за скриени дејства кои не  можат да се следат и мерат како другите појави. Затоа почесто се мери перцепцијата на корупцијата, а не самата корупција. Односот меѓу овие два параметра е таков што понекогаш индексот на корупција е поголем отколку реалната корупција, а понекогаш е обратно.

Во истражувањето кое го спроведовме се користени анкетни листови, но и разговори со студенти во ткн. фокус-групи. На Медицинскиот факултет во Нови Сад, во разговорот за митото, студентите дури зборуваа и за сумите пари кои им биле барани. Зборуваа дека некој испит „чини 300 евра“ и дека во овој процес не може да учествува кој било, туку само некој што го познава посредникот. Треба добро да се распрашате кој е тој посредник. Освен за овој механизам на помитување, студентите зборувале и за „децата на лекари“ и за нивната повластеност – наводно од нив не се бара толку многу знаење како од останатите студенти. Ги спомнаа и ткн. „Англичани“, студенти кои ги полагаат испитите на англиски јазик, а тоа можат да бидат и домашни студенти, освен странците. Ним им се наплатува повисока школарина, но се смета дека тоа е параван за полесно полагање на испитите.

Поширокиот поим на корупцијата во високото образование поинаку може да се нарече корупција „без дослух“. Тоа е кога некоја јавна служба, во овој случај професорот или деканатот, не сака да ја работи својата со закон пропишана работа ако не добие дополнителен надомест. На пример, професорите не можат да одржат испит за студентите кои не платат пријава за испитот. Студентите се приморани на ова, за да воопшто ја добијат услугата за која веќе платиле школарина или која е платена преку буџетот на државата. Или, друг пример, задолжителното купување учебници како услов за излегување на испит, што во Србија е многу распространето.

Потесниот поим на корупцијата вклучува корупција „по дослух“, кога студентот го прашува професорот дали би сакал да му овозможи да го положи испитот за одредена сума пари. Во овој нелегален однос активно се вклучени двете страни, заедно со веќе споменатиот посредник.

Во ова истражување прашавме какви би требало да бидат казните за личностите вмешани во корупција. Студентите сметаат дека професорите би требало да бидат остро казнети. Интересно е што и професорите сметаат дека нивните колеги треба да бидат поостро казнети од студентите. И тоа главно поради нивната позиција на моќ, а и поради значително поголемото животно искуство. Иако, една професорка забележа дека студентите не се деца.

Студентите на новосадскиот Медицински факултет искажале големо незадоволство кон професорите за кои се смета дека примаат мито. Најголем дел од анкетираните би им дале отказ. Студентите кои учествуваат во корупција, меѓутоа, би ги казниле со суспензија или јавна опомена.

Корупцијата многу лошо влијае на квалитетот на студиите. Ако во високото образование имате лош, нетранспарентен и коруптивен систем, ќе добиете завршен студент со многу скромен корпус на знаење и вештини со кои тој треба да се вклучи на пазарот на трудот. Ова значи дека ќе добиеме многу лоша работна сила, затоа што корупцијата го намалила квалитетот на студирањето. Уште поголем проблем е во тоа што се губи еден од важните морални темели на општеството, со немерливи последици и за сегашните и за идните генерации.

Автор: Михаило Гајиќ, член на Анти-корупциска студентска мрежа на Југоисточна Европа,

Асистент на проекти во Белградската отворена школа,

 

Извор: Политика