Студентите бараат билет за странство во еден правец

Младите повеќе сакаат да студираат во странство отколку на домашните универзитети. Главната причина за овој избор не е толку квалитетот на студиите, туку затоа што при вработувањето во другите држави ќе се ценат според нивните квалификации, велат студенти на Отворениот ден во Скопскиот универзитет. Во државата се уште нема регистар колку студенти ја напуштаат Македонија и колку остануваат по студиите да живеат во странство, објави телевизијата Телма.

Студентите бараат билет за странство во еден правец

Најголем број заинтересирани има пред штандовите на кои се нудат промотивни материјали за студирање во странство. Додека за некои заминувањето надвор е можност за доусовршување, за останатите тоа е билет во еден правец.

Причините се секогаш индивидуални и различни. На државно ниво нема регистер на студенти кои ја напуштаат државата, или пак бројки за оние кои одлучуваат таму и да останат. Единствен познат факт е дека овие проценти секоја година се зголемуваат, а според одредени анализи, најголем интерес има за студирање или доусовршување во Германија.

Оние што посредуваат тврдат дека основниот аргумент е поедноставниот начин на запишување и студирање. Вообичаената сума е 500 евра за семестар, но олеснува можноста студентите да работат и да заработат, вели Анета Крстевска за Телма.

Младинскиот образовен форум дава неколку причини поради кои се повеќе млади одлучуваат да студираат во странство- високиот квалитет на наставата која им овозможува вештини кои се бараат на пазарот на труд, подобар студентски стандард и многу дополнителни активности. Имаат и одговор на прашањето зошто дел од нив одлучуваат да останат надвор. Таму лесно наоѓаат вработување според своите вештини.

Оние пак кои што се враќаат често не можат да ја валоризираат дипломата, вели Александра Живковиќ.

Според последните анализи и статистички податоци приближно 300 до 400 000 млади своето образование и егзистенција го бараат надвор од државата.

Извор: Телма