Студенти во Кенија маршираа во чест на жртвите во нападот на студентскиот кампус

Стотици студенти во Кенија маршираа низ центарот на Најроби во чест на 148 загинатите во нападот на универзитетот Гариса од милитантските војници на Ал-Шабаб, пренесува Ал Џезира.

Тие со маршот сакаа и да извршат притисок врз владата со цел да ја подобри безбедноста во пресрет на убиствата.

Со пароли „Ќе останете во нашите срца“, „Другарите се уморни од Ал-Шабаб“, толпата се движеше низ главните сообраќајници во главниот град, а на моменти и седнуваше на раскрсниците.

Демонстрантите биле лути на владата за нејзиниот неуспех да обезбеди соодветна сигурност во Гариса.

По маршот, студентите одржаа бдеење на универзитетот во Најроби. На Twitter пак, Кенијците и и други корисници со користење на хаштагот #147notjustanumber (#147 не е само број) потсетија на оние кои починаа, што се однесува на првична бројка на загинати во нападот.

Според податоците на социјалниот медиум, овој хаштаг бил споменуван повеќе од 53 000 пати. Демонстрантите ја осудија сомалиската група која ја презеде одговорноста за нападот, плашејќи се дека тие би можеле да бидат следни.

За време на маршот, студентите поминаа покрај војници со црвени баретки при што извикуваа „Каде бевте вие?“. Тие побараа надоместок од државата за семејствата на жртвите, изградба на споменик за загинатите, како и подобра безбедност на кампусите и во земјата.