Студенти во Јужна Африка запалија дел од универзитетски кампус во знак на протест

Севернозападниот универзитет во Маникенг, Јужна Африка, е евакуиран, а кампусот е затворен на неодредено време, откако студенти кои со денови веќе протестираат, ја запалиле зградата на администрацијата.

Портпаролот на јужноафриканскиот универзитет Кос Дегенар изјави за локалните медиуми дека административниот блок, во кој бил сместен и научниот центар е запален во средата навечер. Според Дегенар, насилството почнало откако група на студенти упаднале на состанок на кој биле назначени новите претставници на Студентскиот совет. Ситуацијата ескалирала брзо откако обезбедувањето на универзитетот се обидело со солзавец и гумени куршуми да ја раздели толпата.

По судирот со полицијата и приватното осигурување, на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа од повредени студенти.

Голем број на универзитети во Јужна Африка беа погодени во немири последните неколку дена. Студентите протестираат во знак на револт против зголемените трошоци за домување и наводно поради расизам од страна на универзитетските администратори.