Студенти снимија аудио книга како помагало за учениците со оштетен вид

Викторија ПавлевскаЕлена Тодоровска и Михајло Костадиновски се студенти кои преку хуманитарен проект се обидуваат да го подобрат образовниот процес кај слепите и слабовидни лица. Тие снимија аудио книга која ќе им служи на учениците од државното училиште за деца и младинци со оштетен вид ,,Димитар Влахов” како едукативно помагало.

Акцијата е во рамки на проектот „Зборувај со сетилата“ кој е дел од промоцијата на хуманитарни вредности при „Црвен Крст“ чие мото оваа година гласи „Градиме мостови“ и има за цел аудио книгата да ги задоволи специфичните потреби на овие ученици.

„Одлучивме на еден симболичен начин да создадеме ,,мост”помеѓу нас со намера да ја подигнеме опшествената свест за овие лица кој покрај неговиот едукативен карактер ќе придонесе за меѓусебно запознавање, зближување на различностите помеѓу нас со цел да ги срушиме бариерите. Самиот проект се фокусира на создавање на аудио книги во согласност со наставната програма и нивната цел е да овозможи непрекинат  образовен процес прилагоден токму за оваа таргет група“, раскажува Павлевска за Радио МОФ. 

Во заедничка соработка со училиштето, согласно со наставната програма која се спроведува, тие ја одбрале книгата „Сон на тркала“ од Стојан Тарапуза. Павлевска раскажува дека идејата се родила како резултат на нивната перцепција во местото каде живеат.  

„Бидејќи училиштето се наоѓа во наша непосредна близина, ни даде дополнителен поттик за подлабоко истражување на спецификациите со кои се засегнати децата од училиштето и  на заеднички начин да ги намалиме различностите кои не засегаат, да го подобриме образовниот процес и да ги срушиме сите старосни, етнички и едукативни бариери“, додава Павлевска.

 Поради тоа што училиштето „Димитар Влахов“ е единствено училиште од ваков вид, проектот ќе се спроведе само во него. Сепак, тројцата студенти велат дека процесот на снимање на книгата и заедничките дружби со учениците им е само мотив плус да ја продолжат идејата во наредниот период со целосно покривање на наставната програма со аудио книги.