Студенти си ги бараат парите од стипендиите, МОН уверува дека исплатите се во тек

Студентите запишани на додипломски студии на државните факултети кои академската 2019/2020 година првпат конкурирале и се добитници на стипендија од категоријата за постигнат висок успех, се` уште чекаат целосно да им бидат исплатени средствата.

Меѓу нив е и студентката М.Б.Д. од Правниот факултет „Јутинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа се пожали до редакцијата на Радио МОФ, објаснувајќи дека, иако во самиот договор за стипендијата нема посочен краен рок кога треба да се исплати сумата, досегашното искуство на нејзини повозрасни колеги покажало дека тоа најчесто се врши до март.

„Потребата од стипендијата токму во овој период, со економската ситуација, мислам дека е огромна, а немаме никаква информација кога треба да биде исплатена и дали воопшто ќе биде исплатена“, се пожали студентката.

Таа вели дека се обидела да открие каде е проблемот така што се обратиле до Министерството за образование и наука (МОН), но оттаму не добила одговор.

За ситуацијата се свесни и од Факултетското студентско собрание при Правниот факултет. Еден од неговите членови, Умејр Муамеди, вели дека студентите постојано се разочарани од начинот на исплата на средствата. Според него, голем дел од студентите се` уште немаат добиено ниту една рата.

Тој реагира што парите се пуштаат кога веќе студентите ги подмириле трошоците за факултет, а како пример посочи дека лани студентите ги добиле средствата дури во јуни.

„Затоа, бараме од МОН на сите студенти, без разлика од која категорија се добитници, без разлика дали имаат продолжено или за првпат добиваат пари, да им бидат пуштени пред запишување на непарните семестри, а особено сега кога состојбата е деликатна и на секој студент тие пари би му значеле нешто, во зависност од тоа во каква финансиска состојба се нивните родители. Бараме од МОН, почнувајќи од сега, исплатата на средствата да се врши овој период конкретно до крајот на април, додека од следните години на почетокот на февруари“, вели Муамеди.

Од МОН, пак, во кус одговор за Радио МОФ велат дека средствата на новите корисници на стипендија ќе им бидат исплатени во текот на овој месец, додека за корисниците кои своето право го стекнале во некоја од изминатите години, исплатата е во тек. Сепак, оттаму не посочија која е причината за досегашното доцнење.

Емилија Петреска