Студентите од третата зграда на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје веќе цела недела немаат вода. Според станарите со кои разговаравме, тие се принудени да полнат шишиња за да ги исполнат своите хигиенски потреби.
Проблемот, како што велат, се појавува во горните спратови од студентскиот, бидејќи оние студенти кои се на приземје имале колку-толку вода.
„Четири пати се случува додека се туширам да снема вода и морам или да чекам да дојде, или да се вратам во соба и таму да се доисплакнам со водата од шишињата“, вели студентка сместена во третата зграда.
Студенти од другите згради, пак, се жалат дека немаат доволно топла вода во текот на денот.
Радио МОФ се обиде да добие информација за проблемот од директорката на студентскиот центар, Даниела Темелкова, но таа не беше достапна на својот службен мобилен телефон.