Студенти: Повеќе од еден месец нема лифт во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Повеќе од еден месец студентите сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се принудени да одат пеш, бидејќи лифтовите во блоковите В и Г не работат, соопштија од Студентскиот пленум ПМФ.

На социјалните мрежи од синоќа започна да се споделува анонимна порака на студент кој вели дека лифтот во блок Г веќе еден месец не работи во период кога студентите се иселуваат од студентскиот дом.

„Во студентскиот дом „Гоце“ во Тафталиџе веќе еден месец нема лифт, а зградава има 14 спрата. Одиме во управата прашуваме за лифтот, но немаме никаков одговор. Ќе дојдат мајсторите, ќе го поправат малку и за еден ден пак нема, па ајде чекајте уште една недела без лифт, а треба да се иселуваме. Како ќе ги симнеме куферите надолу по скалите?“, стои во анонимната порака од студент сместен во домот.

 

Студентите пак, кои Радио МОФ ги контактираше утрово велат дека лифтот во овој блок не работи повеќе од еден месец, додека лифтот во блок В не работи уште од март. Од управата им било кажано дека директорката не сака да даде средства за да се поправи и дека до крајот на оваа учебна година лифтот нема да работи.

Се обидовме да добиеме коментар од Државниот студентски центар во Скопје, но никој не се јавуваше на службениот телефон на институцијата.

Лошите услови за живеење во овој студентски дом долго време се познати во јавноста. Освен за проблемот со лифтот, студентите се жалат на немање топла вода во блок Г, празни мензи и дека во продавниците со бонови нема ништо за купување.

Надлежните со години најавуваат целосна реконструкција во овој студентски дом, но засега градежни работи се вршат само на блокот „Б“ во домот, кој беше опожарен пред една година.