Студенти – печалбари на новото време

Околу две илјади студенти од Македонија секоја година, преку програмата „Работи и патувај“ (Work and travel), заминуваат во Соединетите Американски Држави. Во државата постојат повеќе агенции кои ја спроведуваат оваа програма, со чие посредство младите ги прават првите чекори во големиот свет.

Студенти - печалбари на новото време
Синот на колешката, ќерката на поранешен колега, синовите на пријателката, ќерката на кумовите, момчето од соседниот влез…се’ почесто слушаме како нечија ќерка или нечиј син заминале во Америка. Она што беше сон на мојата генерација, а излез од сиромаштијата за нашите дедовци и прадедовци, за денешните млади печалбари-студенти, освен што е многу полесно остварливо, претставува и начин да заработат, но и да се прошетаат, да го запознаат светот и да го усовршат јазикот. Речиси и не постои човек во Македонија кој не познава барем еден студент, негови или нечии син или ќерка кои биле, ќе одат или повторно ќе одат во Америка. Ретко кој од овие млади луѓе кои преку програмата „Работи и патувај“ заминуваат во Америка, решаваат да останат таму и да не се вратат во државата, но затоа речиси секој што отишол еднаш, посакува да добие можност тоа да го повтори барем само уште еднаш.

Студенти - печалбари на новото времеРодителите на овие печалбари на новото време ги поддржуваат своите деца и на ова нивно искуство гледаат како на добар начин тие да ги прошират своите видици, да се осамостојат, да станат поодговорни и подготвени за животот, подготвени да се соочат со секој предизвик и со секоја препрека на патот кон зрелоста.

Не е реткост да се слушнат родителите како зборуваат дека нивните деца кои дома со тешки маки успевале да ги убедат барем одвреме-навреме да си ја средат собата или да завршат некоја работа во градината, сега работат како собарки и градинари и згора на тоа се вредни работници на кои работодавачите со задоволство ќе им ја понудат истата работа и во следната сезона.

Програмата „Работи и патувај“, не е македонски изум и токму преку оваа иста програма, веќе со години, повеќе од 220 илјади студенти од целиот свет заминуваат на работа во САД. Меѓутоа, нејзината популарност во Македонија порасна со неверојатна брзина. Меѓу првите агенции кои започнаа да посредуваат во реализацијата на програмата „Работи и патувај“ е и агенцијата Наром Травел која работи веќе 20 години. Според сопственичката Славица Симоновска, од Македонија секоја година по околу две илјади македонски студенти заминуваат на работа во Соединетите Американски Држави – новите македонски печалбари, продолжувачи на неколкувековната традиција на печалбарството која постои на овие простори.

Студенти - печалбари на новото времеСепак, за разлика од поранешните, денешните печалбари се во многу подобра позиција. Додека нивните претци кога заминувале во туѓина не знаеле што ги чека, што ќе најдат и како ќе се снајдат, денешните се во голема предност. „Со сумата од 1.090-1.300 американски долари која ја уплаќаат во агенцијата, студентите имаат обезбедена работа и документи за работа, а во услугата што ја добиваат од нашата агенција спаѓа и процесот на визирање, пречек на аеродромот во Њујорк и трансфер од аеродромот до хотелот во Њујорк (на Менхетн) во кој добиваат две ноќевања, ориентација од спонзорот во САД, како и вадење социјален број“, вели Симоновска.

Вкупната сума со која треба да располага еден студент за да влезе во програмата е околу 1.800 евра, што и не е толку малку со оглед на тоа колку изнесува просечната плата во државава. Од неодамна студентите имаат можност да дојдат до оваа сума без притоа во ова да ги мешаат своите поблиски и подалечни роднини. Имено, сега и оние кои не успеваа да ги најдат потребните средства што треба да се вложат за да се реализира ова патување преку големата бара, ја добиваат својата шанса со помош на студентски кредит кој е наменет исклучиво за студентите учесници на оваа програма. За добивање на кредитот нема потреба од жиранти. Потребен е еден ко-кредитобарател, а манипулативниот трошок на банката (Тутунска банка) е 11,7 проценти. Студентот пред заминувањето плаќа 10 отсто од вкупната сума на кредитот, а останатиот износ – во грејс период од 8 месеци, односно по враќањето дома.

Студенти - печалбари на новото времеНајчестите работни понуди што им се нудат на македонските студенти се продавачи, помошни келнери или келнери, работа во забавни паркови, собарки, одржување хотели, градини. Најчесто работат во туристичките центри низ целата територија на САД. Според Симоновска, студентите сакаат да заработат, пред се’, за да ги вратат парите што ги вложиле, но сакаат и да се прошетаат, да научат нешто ново, да стекнат нови пријателства, а ја сметаат програмата и за едно добро животно искуство.

Она што им го обезбедуваат агенциите се една сигурна работа, сместување, здравствено осигурување, социјален број и дозвола за престој и работа во САД во период од четири месеци. Најчесто овие вработувања на студентите им носат по 7 и пол до 11 американски долари на час.

Во агенциите велат дека пријавувањето за работа во САД трае до средината март, но најдобро е доколку се конкурира токму во овој период, бидејќи сега има на располагање поголем број слободни работни места.

Работата во САД почнува од втората половина на мај и трае до крајот на октомври. Најчесто студентите бараат и втора работа и на тој начин можат да заработат повеќе.

Извор: МИА, сторија на Драгица Христова