Студенти од УКИМ ќе учат претприемништво во компаниите

На студентите им е неопходна активна соработка со компаниите за да бидат конкурентни на пазарот на труд бидејќи од факултетите добиваат теоретска настава но не и доволно пракса.

Студенти од УКИМ ќе учат претприемништво во компаниите

Во оваа насока е проектот „Претприемништвото – иднина на студентите“ што беше промовиран денеска, а ќе го реализираат Стопанската комора на Македонија и Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Целта е студентите да научат како сопствената идеја да ја преточат во бизнис и полесно да се приспособат на барањата на пазарот на трудот. За тоа, освен теоретско познавање, неопходни се и желба и амбиција“, велат од комората и СПУКМ.

За проектот од пријавените 100 студенти биле избрани 50. Тие ќе имаат можност да присуствуваат на обуките што ќе ги држат предавачи од компани и банки-членки на Комората. Обуките ќе опфаќаат пишување бизнис планови, јавно зборување, презентирање, маркетинг трикови, промоција на производи преку социјални медиуми, информирање за кредити за самовработување и развој на мали претпријатија.

Критериум за избор биле кратки бизнис идеи а меѓу најдобрите десет се креирање консултативно биро за привлекување странски инвестиции, инсталирање централно греење од отпад, продажба на занаетчиски производи, редизајнирање и репарирање на стар мебел, понудени од студенти од Градежен факултет, Машински, Правен, Економски и други факултети.

Стопанска комора на Македонија и Студентскиот парламент при УКИМ по промоцијата потпишаа Меморандум за соработка кој треба да овозможи натамошно реализирање на слични вакви проекти.