Студенти од технолошките универзитети од Европа на размена во Охрид

Студентската организација БЕСТ во октомври ќе одржи културна размена на студентите по технологија во Европа во Охрид. Во разговор со Радио МОФ, Сара Коцевска и Никола Јовановски од БЕСТ зборуваат за настанот, за организацијата и за тоа како да се биде дел од неа.

БЕСТ е студентска непрофитна организација која постои на 96 технички универзитети во 33 земји во Европа уште од 1989 година. Во Македонија, постои веќе 13 години. Бидејќи УКИМ содржи повеќе структури на факултети, не само технички, БЕСТ дозволува и студенти од другите факултети да бидат членови на организацијата.

Организацијата организира настани на кои покрај нивните членови, можат да учестуваат и сите заинтересирани студенти. Одржуваат симпозиуми, работилници, тренинзи и обуки од областа на „меките вештини“ и неформалното знаење, кои како што велат Сара и Никола, не може да се стекнат на стандардните предавања на факултет.

Еден ваков настан е и ОHrid JAM, кој ќе се одржува од 2-5 октомври. На него како гости ќе допатуваат околу 150 студенти од техничките факултети во Европа за да се запознаат со убавините на Македонија. Велат дека го одбрале Охрид како лулка на образованието во земјава, каде може да се види многу од нашата култура и традиција.

„Најинтересни на ваквите средби се интернационалните вечери, на кои секој учесник презентира традиционални специјалитети, народни танци и носии и најпознатата музика од неговата земја – едноставно треба да покажат што е најкарактеристично за нивната земја. На тој начин дознаваме што повеќе едни за други“, вели Сара.

Со овој настан БЕСТ одбележуваат и 10 години од најголемата размена на студенти која некогаш се одржала во Европа, кога во Охрид гостувале дури 800 студенти од другите земји во Европа.

„Каде и да одиме во светот, имаме пријатели, благодарение на ваквите настани. Така се стекнуваат вистински пријателства“, вели Никола, кој се радува што повторно ќе се сретне со пријателите кои ги запознал на курс во Краков. Додаваат и дека научиле многу од своите колеги во странство: и за обичаите и културата, но и да зборуваат по малку на другите јазици.

Странските студенти, велат од БЕСТ,  ќе можат и да ги видат разликите кои ги има меѓу нашите и нивните факултети.

Во БЕСТ Скопје сега има 50-тина активни студенти, но моментално регрутираат нови членови. Сите кои би сакале да се приклучат на организацијата, ги повикуваат на состанок секој вторник во 20:00 часот на во Амфитеатарот на Машински факултет во Скопје.

„Нема никакво интервју, квалификации или рангирања. Сметаме дека можеме да го извлечеме најдоброто од секого, без да му ја намалиме мотивацијата. Целта ни е од секого да го извлечеме убавото и да го мотивираме, за потоа тој да се доизгради во подобар човек“, вели Сара.

Додаваат дека постојано се во потрага по грантови и материјални и финансиски спонзорства, но неретко се соочуваат со затворени врати и одбивање. Сепак, интересот кај студентите, како што велат, е голем.

„Нашите искуства досега покажале дека околу 80-90 посто од студентите кои доаѓале на курсевите потоа дефинитивно станале членови. Велат дека многу им се отвораат видиците“, заклучуваат од БЕСТ.

С.Т.