Студенти од Правен најавуваат студентски избори на 4 мај

„Избори за Студентски парламент Правен факултет – 4 мај“. Ова е натписот кој утрово ги пречека, но и збуни дел од студентите на овој факултет. Зад најавата за избори, стојат координатори на студиските групи на Правниот факултет кои не се членови на сегашниот Студентскиот парламент на Правниот Факултет, чии претставници имаат истечен мандат.

Емир Демировиќ, студент на правни студии и Вилдан Дрпљанин, еден од студентските координатори на Правен, за Радио МОФ велат дека одлуката за организирање на избори е донесена поради истечениот мандат на сегашните студентски претставници од Студентскиот парламент на Правен факултет, кои иако имаат обврска, не сакаат да организираат избори.

Дрпљанин вели дека ако изборите не ги распише сегашниот Студентски парламент на Правен факултет, тогаш тие може да бидат распишани од други студенти на Правен. Демировиќ пак појаснува дека долго време се размислува за распишувањето на избори.

„Ситуацијата беше таква  што имаме наши претставници со истечен мандат, имавме координативна седница, испративме барање за избори до СПУКМ и оттаму не добивме одговор. Бидејќи немаме одговор, ние, студентите од Правен, решивме да организираме интерни избори за претставници и претсетател на Студентскиот парламент на Правниот факултет за што ја добивме поддршка од студентите“, вели Демировиќ

Координатори од Правен факултет, за Радио МОФ велат дека од утре па до 17 април до изборната комисија ќе се поднесуваат кандидатури за студентски претставници. На нив ќе може да аплицираат студенти од сите години со заверен зимски семестар. Оние пак што сакаат да се кандидираат за претседател, ќе треба да достават и список од 20 потписи. Гласањето, додаваат, ќе биде на 4 мај.

„Ќе има комисија која ќе биде формирана утре. Комисијата е составена од студенти, координатори на групи од сите студиски година , од секоја програма. До деканатот веќе е поднесено барање за доделување на просторија во која ќе работи комисијата и ќе се поднесуваат кандидатурите“, додава Дрпљанин.

Студентите што организираат избори велат дека имаат поддршка од дел од професорите.

Кирил Спироски пак, в.д. претседателот на СПУКМ за Радио МОФ вели дека нема информација за овие избори , како и дека Сојузот не се меша во работата на матичните факултети.

Познавачи на состојбите за Радио МОФ коментираат дека резултати од вакви избори би можеле да бидат признаени само доколку бидат запазени сите процедури предвидени во постоечките документи на Студентскиот парламент на факултетот.